Утре (11 март) во галерија „Контра“ во Загреб ќе се отвори изложба на познатиот музичар Дејвид Брн.
Дејвид Брн, пред се`, познат е како основач и фронтмен на легендарните „Токинг Хедс“, чијашто музика и стил силно влијаеле на светската музичка сцена, а во седумдесетите години на минатиот век овој бенд бил еден од највлијателните кој ги одредил насоките на алтернативниот рок.
Освен што е музичар, композитор и текстописец, Дејвид Брн напишал неколку книги, фанатичен заговорник е на велосипедизмот, глумел во неколку филмови, ја основал дискографската куќа Luaka Bop, и низа години се занимава со фотографија.
Па така, негов помал, но значаен фотографски опус по прв пат ќе биде изложен во Загреб.
Музичарот уште од деведесетите години на минатиот век ги изложува своите фотографии коишто често пати се опишувани како возвишеност или банализирање на секојдневието до ниво на уметност. Создава икони од секојдневните материјали и го бара „светото“ во бесмисленото.
Фотографиите на Брн можат да се поделат на оние кои ги снимил на разни патувања и на оние кои ги направил во своето студио, користејќи ги различните можности на фотографскиот медиум – од полароид до дигитален процес.