Уметникот Филип Јовановски, во рамки на двомесечниот резиденцијален престој во Т.И.Ц.А Институтот за современа уметност во Тирана, е во групата уметници на изложбата на тема „Раскажувањето како уметничка пракса“, заедно со колеги од Грузија, Тирана и од Белград.
Соработник – истражувач во делото е кураторката Ивана Васева. Јовановски се претставува со инсталација од осум слики на платно, кои се репродукција на лични слики на авторот, и со текст-преписка со неговата мајка. Делото се вика „Мајка Олимпија Храброст и нејзините деца“ и реферира на драмата на Бертолт Брехт „Мајка Храброст и нејзините деца“.
Авторот ја зема мајката како симбол на нацијата во два историски периода – Албанија во периодот 1945-1991 година и Македонија денес.
„Албанската историја е претставена преку споменикот ‘Мајка Албанија’ од 1971 година, од тројца автори, меѓу кои е и Кристаљ Рама (татко на премиерот Еди Рама), изграден во чест на загинатите партизани во Втора светска војна, и македонската, која е претставена преку фрагмент од комплексoт фонтани ‘Воин’ на плоштадот Филип Втори во Скопје (популарно познат како Олимпија и младиот Александар), чиј автор е Валентина Стеваноска“, вели Јовановски.