Во галерискиот простор „Империјал I“ во вторник, 23 декември, 20 часот, ќе биде отворена изложба ДЛУМ „Мал формат“ во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија во соработка со Културно информативниот центар.
На изложбата „Мал формат“ од страна на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, ќе се доделат значајни признанија од областа на ликовната и визуелната уметност „Димитар Пандилов“ за сликарство, „Драгутин Аврамовски Гуте“ за графика и „Димо Тодоровски“ за скулптура. Од страна на Културно информативниот центар ќе се доделат наградите „Методија Ивановски-Менде“, „Константин Мазев-Коце“ и наградата „Вангел Коџоман“.
Малиот формат како творечки предизвик претставува честа дневна практика на ликовните уметници. Магијата на „малиот квадрат“ во површина 25х25цм претставува искушение и за најголемите мајстори на визуелната уметност. Чувството на внатрешниот порив да го совлада малиот квадрат, на концизен, лапидарен, понекогаш метафоричен и езоповски начин да го транспонираат собитието и мотивот од големите форми во помалата мерка.