Насловна / Арт и дизајн / Изложба на дела кои содржат и минато и потенцијална иднина

Изложба на дела кои содржат и минато и потенцијална иднина

Нада Прља е уметник со дводецениско професионално искуство, со учество на повеќе од 100 меѓународни и домашни изложби и на 9 интернационални биеналиња. Петнаесетина години престојувала во Лондон, изложувала во десетици градови низ Европа. Потоа живее и работи во Скопје и го формираше и коуредуваше уметничкиот простор СИА. Во мометов живее и работи во Копемхаген. Со проектот „Субверзија во црвено“ ја претставува нашата држава оваа година на 58. Венецијанското биенале за уметност од 11. мај до 24. ноември годинава.

LR_Nada Prlja_Ph Ana Lazarevska

Нада Прља, фото: Ана Лазаревска

Речиси половина година по отворањето на Венецијанското биенале, кога возбудата околу отворањето на нашиот павилјон е веќе зад нас, би сакала да го раскажам моето лично искуство за односот помеѓу публиката, т.е. посетителите на Биеналето и нашиот павилјон. Тоа го правам со голема радост поради шансата дадена од Порта 3 со цел да ја информирам професионалната јавност за подготовката, како и да го опишам павилјонот за публиката која немала шанса да го посети истиот.

019_Padiglione_Macedonia_Biennale_di_Venezia_2019_Ph

македонскиот павилјон, фото Раул Бети

Имаше само неколку дена до отворањето, а мене ме измачуваше несоница, бројот на незавршени обврски и прашањата кои си ги поставував, како: „Зошто сум на стовариште на стока во Тронкето?“ веќе ми станаа секојдневие. Сите овие прашања, кои не се дел од вообичаена уметничка пракса, се наметнуваа, но во подготовките за Венецијанско биенале, уметникот и институцијата зад него мора да се прилагодат на ситуацијата „take it as it is“. Во тоа „море“ на нерешени проблеми едно прашање особено ме измачуваше – дали ќе имаме посетители на отворањето? Уметникот кој изложува во галерија или музеј не е засегнат со тоа прашање, заклучив гледајќи ги безбројните пакети со Просеко како спокојно отпловуваа од Тронкето во Венеција кон Швајцарскиот павилјон во Џардини.

North_Macedonia_Nada_Prlja_VB2019_1_Red Discussion II_07_ph Ana Lazarevska

„Црвена дискусија 2“, фотографија од перформансот, фото: Ана Лазаревска

Реално гледано, загриженоста и не беше толку неоснована, бидејќи истовремено рамки на час и половина со нашиот павилјон се отворија други 10 павилјони на големи земји, на пример уметничките меки како Франција и Бразил. Ирска ја претставуваше Ева Ротхчилд со пет приватни галерии кои се грижеа за секој чекор на уметницата, а нашата соседна Бугарија ја застапуваше маркантната фигура во интернационалниот уметнички свет, Иаре Боубнова, додека шармантниот новозеландски уметник имаше пет Site specific локации во Венеција.

124

површината на масата, дел од инсталацијата „Црвена дискусија 2“

И покрај ова прилично конкурентно опкружување, нашиот павилјон просперираше! Главната причина беше отворањето замислено како интелектуален собир за размена на идеи за подобра иднина. Рискантен пристап кој се покажа како издржан. Отворањето на нашиот павилјон беше спектакуларно, и го кажувам тоа објективно – отворањето се прошири на 8 простори (шест изложбени простории и два приемни салона и надворешна платформа каде во старите времиња од каналот гондоли влегуваа во палатата), со повеќе од 400 посетители во секој момент кои останаа за време на перформативниот настан „Црвена дискусија 2“ кој траеше повеќе од два часа.

3

реномираната Шантал Моуф ја потпишува масата, фото: Раул Бети

Присутните гости ја задоволија својата жед за интелектуален предизвик, наместо за Просеко, и ги стоплија своите срца во свежата мајска ноќ со емотивно искуство на жешката дискусија околу црвенообоената маса: политичките теоретичари и културните работници, импресивниот Чарлс Еше, директор на Ван Абе музејот во Ајндховен, револуционерниот Маурицио Лазазарето социолог, филозоф и истражувач од Париз, реномираната Шантал Моуф политички теоретичар и професор на Катедрата за политика и меѓународни односи од Универзитетот Вестминстер, Лаура Раиковиќ поранешен директор на музејот Квинс од Њујорк и нашиот луциден Артан Садику, истражувач и теоретичар. Кураторот и предавачот на Мидлсекс Универзитетот Влад Морариу, кој се најде (буквално!) помеѓу „гигантите“ на политичката и културолошка мисла, успеа површината на масата да ја збогати со оригинални идеи и мисли која така стана уникатен уметнички објект. „Црвена дискусија“ ги обработува темите кои бараат да најдат и да дефинираат стратегии за излез од сегашните услови на социјална несигурност и експлоатација и понудуваат алтернативни решенија изведени од марксистичката теорија и левичарската мисла.

маса

„Црвена дискусија“

Се присетувам на мојата последна самостојна изложба во Скопје „Да одам или да останам“, (2008, МСУ) перформанс во кој текстилни работници шиеја маици, а јас на нив испишував навредливи слогани, преземени од жителите на Велика Британија и насочени кон имигрантите. Текстилните работници потоа го напуштија просторот, маиците беа недовршени, а изложбениот простор остана „замрзнат“ за време на траењето на изложбата, укажувајќи воедно на нивната лична загуба на работните места и ги повикаа посетителите на МСУ на протести околу животните прилики на вработените.

31

„Реди – нес II“, Н. Прља, видеопроекција 2013, фото: Раул Бети

Во Венеција, „Црвена дискусија 1“ и „Црвена дискусија 2“ и видеодокуметите од двете перформативни дела (изведени во 2013 во Лондон и во 2019 на Венецијанското биенале), потоа двете испишани маси, отпечатен транскрипт од перформансот од 2013 г. и бројните столчиња останаа „замрзнати“ по перформансот, со што се создаде комплексна инсталација, која по својата импозантност, театарски нè воведува во темите обработени во двете дискуси и во целата изложба.

кугла

„Колекција: Таа прави тоа што сака III“, Н. Прља, скулптура 2019, метални профили, бетон, 141х150х см

(инспирирана од Јордан Грабулоски), фото: Раул Бети

Потоа, битно прашање беше како да се задржи интересот на посетителите во рамките на 3-4 -дневна „туристичка“ посета? Зошто да го изберат токму нашиот павилјон во какафонија на изложби кои навидум го „преплавуваат“ градот Венеција? Како да останеме актуелни во конкуренција од 90 национални павилјони и главната изложба со 79 уметници, бројни колатерални настани и многу други паралелни настани? Пак, ние немаме можност со нашиот буџет од 64 илјади евра (каде ⅔ се наменети кон изнајмување на простор), како гигантите на уметничката сцена (на пример Австралија со буџет од 2 милиона евра) да размислуваме за што по отворањето на павилјонот. Можност да организираме посети на универзитети, визити на колекционери, покани за новинари и други активности во времетраењето на Биеналето, не се дел од практиката на нашето претставување низ годините. Знаејќи го ова, мојот одговор беше следен.

слики

„Хуманистички комунизам“, Н. Прља, инсталација 2016: 20 фотографии

Посетителите можеа да видат осум уметнички поединечни дела, распоредени во шест изложбени простори во Палатата Рота Иванчиќ од 16 век, сместена во срцето на Венеција на неколку минути од Плоштадот Св. Марко. Секоја просторија има своја историска убавина, а внатре се „среќаваат“ дури и духовите на Ернест Хамингвеј и неговата муза, Андријана Иванчиќ. Нашиот павилјон на 400 квадратни метри изложбена површина беше еден од најголемите павилјони годинава, што ми овозможи самостојната изложба да се состои од: три скулптури, серија на слики, уметничко видео, серија на фотографии, два уметнички објекти (маси) проследени со две документарни видеа од перформанси.

Нашиот павилјон е повеќеслоен, потсетува на музејска колекција, Tate Britain каде историските дела се во корелација со современите уметнички дела. Во нашиот павилјон сите уметнички дела нудат индивидуална приказна, создавајќи слоевитост и можност за интеракција со делата на ралични нивоа. Особено трите скулптури „Колекција: Таа прави тоа што сака, I, II и III“, се инспирирани од избрани дела на Борис Николоски, Олга Јевриќ и Јордан Грабулоски од колекцијата на МСУ, потенцирајќи ја уникатната вредност на оваа колекција, која била создадена преку меѓународната солидарост кон градот Скопје по земјотресот од 1963 година. Понатаму, моето дело „Оддел за конзервација и реставрација“ е инспирирано од уништениот мурал на Борко Лазески од зградата на „Пошта“ во Скопје, каде започнав да пресликувам делови од муралот во 2016 г., со желба за придонесување кон повредената колективна меморија врзана за ова дело.

thumbnail

„Оддел за конзервација и реставрација„ (детал), Н. Прља, иснталација, 2015-19 (преработка на дело од Борко Лазески)

фото: Раул Бети

Со обработување на овие уметнички дела од нашата историја ја потенцирам вредноста на овие уметнички дела од нашето заедничко минато. Во рамките на оваа изложба создадов специфичен, креативен однос со нив, давајќи им на меѓународните посетители можност да ги запознаат и овие слоеви на нашата историја.

Ралф Ругоф во својот воведен збор на Биеналето вика „Уметноста е пракса која се ангажира на повеќе перспективи: каде се обработуваат навидум контрадикторни и некомпатибилни идеи, и каде се „жонглира“ со разновидни начини за обмислување на светот… од Леонардо да Винчи до Владимир Илич Ленин, се потврдува дека сè е поврзано со сè друго. Уметниците кои размислуваат на овој начин нудат алтернативи за значењето на т.н. факти со тоа што предлагаат други начини за нивно поврзување и контекстуализирање.“

North_Macedonia_Nada_Prlja_VB2019_Collection I 01_photo Raul Betti

„Колекција I“, Н. Прља, фото: Раул Бети

Сето тоа е точно за нашиот павилјон, историјата се преплетува, понекогаш во контрадикција, на пример на темнобордо брокатниот материјал кој ги декорира ѕидовите на една од просториите е проектирано видеото „Реди-нес, Робеспиер“, кое нè пренесува од Француската револуција и говорите на Робеспиер, преку студентските протести од 1968-та, па сè до можната иднина.
Чарлс Еше, по посетата на изложбата пишува: „Изложбата на Прља има срце, кое ми недостасува во централниот павилјон на Ругоф. Уметничките дела изложени ангажираа една лична историја која исто така има влијание врз нашето сегашно општество. Природата на уметничките дела, во својот сеопфат, сугерира на капацитетот за рециклирање на идеите заклучени во нив. На овој начин, делата содржат и минато и потенцијална иднина. Тие служат како носители на меморија и значење. На овој начин, Нада Прља доловува чувство на загуба и враќање и дава решенија за тоа што ја прогонува Европа на многу нивоа денес.“

Оваа можност, секој да си најде нешто во нашиот павилјон, продолжува да привлекува голем број на посетители, по сезоната на одмори, во септември и октомври бројот на дневни посетители е двојно зголемен, Ве покануваме и Вас да нè посетите до 24-ти ноември годинава.

Автор: НАДА ПРЉА, уметник

Испрати коментар

Scroll To Top