На 2 февруари, во 21 часот, во „Концепт 37“, ќе биде отворена изложба на цртежи и промоција на книга FROM FRAGMENTED CITY TO RESILIENT CITY. Continuous Performative Landscapes for Skopje/ „Од фрагментиран град кон еластичен град. Континуирани Оперативни Пејзажи за Скопје“ oд м-р архитект Дана Јовановска.
Книгата претставува дисертација, издадена како дел од збирката тези од Politecnico di Milano “0-n” под менторство на професор Elisa Cristiana Cattaneo, од италијанскиот издавач MaggioliEditore.
Збирката „0-n“ претставува хетерогена платформа, во чиишто рамки трудовите се темелат на заедничкото поле на теоријата на ‘лабавост’ (weakness theory), како несовршени и разновидни начини на знаење. Целта е да се истражува алтернативна метода за современите простори, способна да ги регенерира строго стабилизираните идеи за дизајн. Тие се повеќе експериментални и од витално значење текст-тестови отколку постапки за верификација. Овој став ги носи подалеку од конвенционално дефинираниот образовен и истражувачки пристап. Тие може да се читаат низ две нивоа на значење: во нивните специфични контексти и како отворена платформа за современите истражувања. Речиси сите од нив се фокусирани на процесуални вредности и проектна трансдисциплинарност, со цел да се промовира првенствено когнитивниот простор пред реалниот.
Современото Скопје е дијалектично – претставува своја теза и антитеза. Неговиот урбан пејзаж е дифузен резултат на недовршени слоеви. Во текот на историјата, различни концепти оставиле траги врз градот, правејќи го Скопје мал и интензивен конгломерат на различни идеологии, ниту една доволно влијателна и долготрајна за да воспостави хомогена структура на градот.
Дисертацијата тргнува со претпоставката дека сегашната состојба на градот е резултат на не-контекст базирани и утописки стандардизации и контроли над градот низ минатите архитектонски и урбанистички концентрации. Таа го прифаќа феноменот на фрагментација каков што е, и исчекорува напред кон истражување на можности за создавање на позитивни урбани ефекти од дадена урбана реалност (како спротивност на практиките низ историјата).
Разбирајќи го конститутивниот потенцијал и капацитет на современиот пејзаж, и пред се ‘моќта’ на пејзажот како медиум за организирање големи ‘урбани полиња’, тезата воспоставува ‘состојба на поле’ во рамките на градот Скопје. Полето се базира на релациони сили и врски помеѓу физичките урбани фрагменти и урбаните рецидиви т.н. пост-урбани фрагменти, кои заеднички ја сочинуваат современата урбана состојба на Скопје. Сите тие се структурирани во отворен флексибилен систем на континуирани урбани пејзажи, кои поминуваат концептуално и физички низ различни изградени и отворени делови на градот, и ги обединуваат задржувајќи ја нивната автономија и идентитет.
Како систем кој поминал низ бројни распаѓања и реконструкции, Скопје стана систем на постојани ‘вознемирувања’, што доведе до повторувачки прекини во неговиот урбан развој. Затоа, целта на програмирање на Скопје со медиумот на континуирани оперативни пејзажи, е да се создаде флексибилен урбан систем со зголемен капацитет за прифаќање на непредвидливи околности и постојано променливи барања.
Дезинтегрираната и недовршена урбана состојба на Скопје треба да стане адаптивен, флуиден и отворен систем, способен за прифаќање нарушувања, без квалитативно да се менува во друг систем. На овој начин, може да се воспостави град способен за одржување на сопствениот континуитет – ЕЛАСТИЧЕН ГРАД!