Во галеријата „Акантус“ на улица Орце Николов бр. 99 во Скопје отворена е изложбата насловена 4 Идеи / Ремикс, која претставува избор на дела на четворица современи македонски автори: Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски. Куратор на изложбата е Јованка Попова, а таа ќе биде отворена за јавноста до 21 септември.
Изложбата „4 Идеи / Ремикс“ следи четири генеологии на концептуално и визуелно обмислување и изразување кои се ставени во меѓусебен дијалог поставувајќи контекст за делата остварени во рамки на проектот „Everything Matters Prototypes“ во реализација на Проектниот простор Прес ту егзит од Скопје.
Процесот на пишување, начинот на изразување идеи преку букви и зборови, и на крајот претставувањето на текстот како визуелно дело, се важен сегмент во уметничка практика на Христина Иваноска. Во рамки на изложбата e претставена серијата на мултифункционални дрвени резби именувани како „Самовилска коса“ (2016/2017). Преку секое свое дело Иваноска продолжува да го потенцира процесот на женска еманципација и односот наспрема политичкото, општественото и спиритуалното себство во релација со заедницата како синоним на простор за солидаризација.
Велимир Жерновски следејќи го личниот интерес за поимите на идентитетот, урбанизмот и популарната култура, развива нова серија на визуелни дела кои ја поддржуваат визијата за трансформација и транзиција кон просторот за поинаква (нова) иднина. Неговиот прототип за мека скулптура насловен „Principia #00“ (2016/2017), објаснет како „кадифен придружник кој емитува гравитациони ефекти вклучувајќи ги и нашите тајни и стравови, љубови и очаи“ произлегува од новата серија на дела насловенa „Beyond the Blackness“ (2017).
Интегрирајќи елементи од неговите претходни визуелни истражувања кон гротескното во секојдневието, Ѓорѓе Јовановиќ, создава прототип во кој обединува повеќе сфери на интерес од ликовната и применетaта уметност, типографијата и поезијата. Прототипот насловен „Трошки на асфалтот што испарува“ (2016) кој се состои од пет рачно изработени платна, исцртани и испишани со текстилни бои и маркери, ги обединува неговите размисли за врските и различностите меѓу ликовната и применетата уметност каде, и покрај посебните квалитети и насоки што овие дисциплини ги поседуваат, секогаш постои простор за нивно взаемно надополнување во единствена целина.
Истражувањето и продукцијата на серијата објекти насловена „Компресиран минимум“ (2016/2017), е повеќеслојно и сублимира ликовни, научни и технолошки процеси кои Јане Чаловски ги имплементира во својата уметност. Објектите кои се резултат од истражувањето се карактеризирани како икони со вграденa функционална, естетика и колоритна спецификација од урбаниот простор и се поврзани со неговото истражување во Архивот на материјалности на Баухаус Фндацијата во Вајмар. Истовремено, неговиот интерес кон не-линеарни и фрагментарни наративи е претставен и преку избор на цртежи кои ја дополнуваат идејата за визуелна компресија на концепти и процеси.
Претставените дела се надоврзување на делата остварени во рамки на проектот „Everything Matters Prototypes“, повеќегодишен проект во полето на креативните индустрии кој го третира концептот за производство на прототипи на предмети кои функцираат и како уметнички објекти, тестирајќи го денешниот културен и социо-економски контекст, а е реализиран во рамки на програмските активности на Проектниот простор Прес ту егзит од Скопје со поддршка на Министерството за култура.