На 22.03. 2018 година во 20.00 часот, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложба „Артефакти со христијанско симболично значење од VI до крај на XIX век“ и ќе трае до 14.04.2018 година.
Автор на изложбата е д-р Снешка Лакалиска виш кустос.
Во Музејот на град Скопје по повод претстојните Велигденски празници се организира изложба на сакрални екстонати со христијански предзнак. Изложената збирка ја сочинуваат предмети од мал формат со висок уметнички квалитет од: ранохристијанскиот, византискиот, поствизантискиот и преродбенскиот период, како и литургиска опрема временски одредени од VI до крајот на XIX век.
Предметите се грижливо собирани со археолошки ископувања на Скопската тврдина Кале, на платото пред црквата Св. Спас, при конзервацијата на фреско-живописот во црквите и манастирите низ Скопскиот Регион, дополнета по пат на откуп и подароци. Ќе бидат изложени крстови, кандила, вериги од полиелеј, триптих, восочно стапало, накит и др., изработени во автентичен материјал во зависност од нивната религиозна функција и пораката која ја носеле на себе. Мноштво ситни предмети се носени и како накит, кои ја означувале приватната побожност и идентитет на личноста како одраз на верата и вкусот на времето.
Артефактите на сакрална уметност во Музејот на град Скопје по својот опсег и комплексност, покрај тоа што имаат значаен придонес во културното наследство на градот Скопје, воедно се и скапоцен дел од целокупното нацинално културно богатство на Република Македонија.
За изложбата е изготвен каталог со превод на англиски јазик. Изложбата и каталогот финансиски се подржани од град Скопје.