Изложбата „Жените и фотографијата“ ќе биде отворена во петок во изложбениот салон при Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, во 19. 30 часот, во организација на фото клубот „Куманово“.
На изложбата „Жените и фотографијата“ ќе бидат поставени фотографии на четириесет авторки, кои креативно работеле и твореле во клубот „Куманово“.
– Жената претставува мотив кај многу поети, сликари, писатели, но кога станува збор за фотографијата таа се јавува не само како инспирација за фотографите, туку и активно се вклучува во самиот процес на фотографирање, изработка на фотографијата и пренесување на стекнатото знање за фотографијата како уметност. Жените се почувствителни и посуптилни од мажите и поради тоа подобро ги забележуваат деталите. Тоа е дар на природата и со малку спретност да фати вистински кадар, излегува одлична фотографија. Во фотографијата нема кавалерство, па колегите фотографи почнаа сериозно да ги сфаќаат жените со фотоапарат гледајќи ги како сериозна конкуренција – соопштуваат од клубот „Куманово“.
Клубот во своите редови брои добро познати автори како во Македонија, така и пошироко, кои за релативно кратко време го закитија овој клуб со бројни награди и успеси.
Изложбата ќе биде поставена до 17 март.