Насловна / Арт и дизајн / Изложба на 120 цртежи од Рафаел која се случува еднаш во животот

Изложба на 120 цртежи од Рафаел која се случува еднаш во животот

Oва лето најстариот музеј во Обединетотот Кралство, музејот „Ешмолиан“ (Ashmolean Museum) во Оксфорд, организира изложба на цртежи од Рафаел која се случува „еднаш во животот“, порачуваат кустосите.

РАФАЕЛ_5

Студија за трите грации, 1517-1518

На изложбата се претставени 120 дела на големиот мајстор на ренесансата, Рафаел Санцио де Урбино или Рафаел Санти (1483-1520), од меѓународни збирки. Педесет цртежи се од музејот „Ешмолиан“ – најголема и најзначајна колекција на Рафаеловите цртежи на светот – а свои дела позајмија Британскиот музеј, британската Кралска колекција, Уфици од Фиренца и виенската Албертина, каде ќе биде прикажана изложбата оваа есен.

– Уште од 1983 година кога беше изложбата во Британскиот музеј, не сме имале вакво исклучително јавно собирање на Рафаеловите цртежи. Дарежливоста и поддршката на другите институции, ни овозможи на луѓето да им понудиме прилика која се случува еднаш во животот: да ја искусат визуелната и емотивната снага на Рафаеловите раце и да ја разберат неговата генијалност – истакнал директорот на музејот.

РАФАЕЛ_3

Портрет на младичот (Автопортрет?), 1500

Бидејќи цртежите се многу осетливи на светлина и температура, после 500 години од постоењето, ретко се изложуваат дури и во матичните колекции.  Сто и дваесет експонати ја покриват целата брилијантна но кратка кариера на Рафаел, од деновите кога бил чирак во Умбрија, преку радикално креативните години во Фиренца, до периодот во Рим кога бил на врвот на славата. Цртежите покажуваат како овој уметник во текот на својата кариера активно трагал за нови можности на изразот, далеку посуптилни и поавантуристички отколку што биле на конечните слики.

 

Дури и на врвот на кариерата и славата во Рим, кога бил главен уметник во служба на папата, Рафаел го користел цртежот како начин на изразување и истражување, а често завршените цртежи ги поклонувал на важни личности како војводата Alfonsо D’Este или колегата Albreht Direra.

– Бидејќи вредно работел и направил многу дела кои се, наизглед, така ноншалантно а совршено направени, се стекнува погрешен впечаток дека неговите цртежи се прагматични, обични подготвителни работи за сликите. Ние, меѓутоа, ги повикуваме посетителите уште еднаш одблиску да ја видат радоста и страста што Рафаел ја внесувал во нив.  Секако дека не ја негираме врската помеѓу неговите цртежи и слики, но тоа не се само работни скици, тоа се уметнички дела од посебен вид – рекла Анѓела Марија Ачето, една од организаторките на изложбата.

На изложбата е и студијата на глави и раце на двајцата апостоли, за која се верува дека настанала само неколку недели или дури неколку дена пред неговата смрт, на 6 април 1520 год., а која е наречена најубавиот цртеж на светот. Многумина го сметаат за поубав и од завршената слика во Ватикан „Преображение“, која ја завршиле учениците на Рафаел после неговата смрт.РАФАЕЛ_2

Студија за Адам, 1508-1510

РАФАЕЛ_4

Студија за Богородица, 1518

РАФАЕЛ_3

Млад човек го носи постариот на грб, 1513-1514

Рафаел уште како тинејџер е нарекуван маестро, а умрел на само 38 години. Тој бил голем гениј како Микеланџело, но пофин: „Кај него уметноста и карактерот одеа рака под рака“, ќе каже Џорџо Вазари.

РАФАЕЛ_1

Двајца апостоли, 1520

РАФАЕЛ_4

Двајцата апостоли на сликата „Преображение“ во Ватикан

Изложбата „Рафаел: Цртежи“ е отворена до 3 сепрември.

КРАТОК ЖИВОТ И БЛЕСКАВА КАРИЕРА

Рафаело Санти, познат како Рафаел, бил голем италијански сликар. Заедно со Леонардо да Винчи и Микеланџело, го чинат фантастичното тројство на ренесансниот период. Најпознат е по своите Мадони, а запазен е и заради јасноста на обликот и способноста со помош на слика да ја прикаже величественоста, убавината и совршенството.

Роден е на 6 април 1483 година во италијанскиот град Урбино. Татко му бил сликар на дворот, а по неговите стапки тргнал и Рафаел. Стекнал широко образование на полето на уметноста, книжевноста и општествените науки, а тоа му овозможило со леснотија да се движи во општествените кругови, што влијаело и на развојот на неговата блескава кариера.РАФАЕЛ_2

Рафаел

Бил многу поснаодлив од Микеланџело во отменото друштво, а се сметало дека неговиот уметнички стил бил попрестижен од Микеланџеловиот. Не бил креативен како големите сликари со кои го споредувале, но неговите слики зрачеле со највисока грациозност. Се занимавал со класично толкување на совршенството, но и традицијата на Фиренца влијаела врз неговото сликарство.

Стекнал репутација на извонреден сликар веќе во 1501 година, а набрзо му се доделени многубројни почесни признанија. Од 1504 година живеел во Фиренца, која била центар на развојот на ренесансната уметност. Таму ги запознал Леонардо и Микеланџело, со кои имал многу спорови и со кого константно го споредувале.

Папата Јулије II го повикал во Рим во 1508 година, со желба да наслика неколку простории во Ватикан. Со оглед на тоа што Микеланџело во исто време ја сликал Сикстинската капела, Рафаеловата работа била во сенка, но сепак неговите слики во Ватикан се сметаат за најпрефинетите дела на европската уметност. Неговата тамошна работа вклучува и едно од неговите ремек-дела, сликата „Атинска школа“.

Последните 12 години од својот живот ги поминал во Рим, и за тоа време неговата кариера процветала. Неговите најзначајни и најпознати дела се „Три грации“, „Распнување“, „Св. Ѓорѓе го убива змејот“ и „Мадона Конестабиле“. Мадоните што ги сликал во Рим го означиле пресвртот во неговиот дотогашен стил. Наместо озбилност и нежност, кои биле приметни во неговите рани дела, почнал да ја нагласува вредноста на движењето и големината.

Освен што бил извонреден сликар, Рафаел се истакнал и како наставник кој можел да ги инспирира своите ученици во голема мера. Ја водел една од тогаш најголемите школи на уметноста во Рим, која ја сочинувале повеќе од 50 ученици. Благодарение на неговиот ентузијазам и талент, школата станала позната како место во кое уметноста многу се цени. Се занимавал и со архитектура, цртање и гравирање.

Умрел на истиот ден кога и се родил, 6 април, 1520 година во Рим. Зад него останало огромно и квалитетно наследство, а за разлика од многу уметници, бил ценет и за време на својот живот.

Испрати коментар

Scroll To Top