Насловна / Арт и дизајн / Изложба „Модерна традиција“: Уметност во керамика што ги обединува минатото и современоста

Изложба „Модерна традиција“: Уметност во керамика што ги обединува минатото и современоста

Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“ во Музејот на Град Скопје во среда, 10. јули во 20:30 часот ќе се отвори изложба насловена „Модерна традиција“ на Филип Фидановски.

* * * * *

 

Како и многу други уметници, а и обични луѓе, и јас сум допрен од генијот на Пикасо. Носен од делата на големиот мајстор изработив 13 скулптури, инспириран од сликите на колосот на уметноста на 20 век. Поточно славните портрети на жени кои во уметноста на Пикасо биле музи или субјекти кои го фасцинирале или го ужасувале.

Фрагменти од сликите на големиот гениј директно ги пренесов во својот материјал – каменина со проѕирна глазура, од глина и пигмент, водејќи особено внимание секоја боја да биде тонски усогласена со боите од оригиналните прикази на пикасовите дела. Овие 13 скулптури ја сочинуваат изложбата „Пикасо, можеби јас“ која прв пат е претставена на публиката во Музејот на Град Скопје во октомври 2016 година, за да продолжи да патува во Кичево, Охрид, Битола и Куманово.

Минатиот месец изложбата „Пикасо, можеби јас“ е поставена и во галеријата „Керамеикон К10“ на Друштвото на керамичари на Хрватска во Вараждин. По големиот успех на изложбата во Вараждин, сега подготвувам нова изложба во рамките на 45 издание на Скопско лето. Оваа изложбата под наслов „Модерна традиција“ ќе биде отворена на 10 јули 2024 година во Музејот на Град Скопје. На изложбата како гостин учество ќе земе со свое дело и Маријана Костојчиноска-Узунчева, која за оваа изложба наменски изработи чаршаф и салфетки од текстил.

„МОДЕРНА ТРАДИЦИЈА“

Изложбата „Модерна традиција“ претставува спој на традиционалната грнчарија, која е автентична за македонската традиција, и нејзиното трансформирање во модерен визуелен стил со мој авторски пристап. Со оваа изложба, се насочува внимание кон зачувувањето на традиционалниот  грнчарски занает, кој е во ризик од исчезнување, и ја илустрира мојата умешност на сликарство во керамиката, кое се смета за една посебна и уникатна дисциплина во керамичката уметност.

Со тоа што се враќа во употреба заборавениот начин на приготвување на храна и го унапредува стариот занает, мојата цел е да се замисли начинот на живеење на модерниот човек и како може да се вклучи традицијата во тој начин на живеење. На изложбата ќе бидат претставени повеќе традиционални садови кои сè уште се произведуваат, со задржан оригинален облик и намена.

Изложбата е конципирана на начин што керамиката ќе биде поставена на маса која ќе биде прекриена со чаршаф со стилизирани фолклорни елементи и ќе биде сервирана во функција на традиционално послужување на храна, слично на она во домовите и во рестораните. Со ова, гледачот ќе има можност да кружи околу масата и да се запознае со културата на сервирање на садовите и со нивната основна функција.

Оваа изложба на керамика не само што ќе ги прикаже моите креации, туку и ќе го поттикне интересот кон традицијата и кон уметноста во керамика кај пошироката јавност. Со прикажувањето на традиционалните садови на начин што го сретнуваме во секојдневниот живот, оваа изложба ги обединува минатото и современоста и ја остварува целта за оживување и промовирање на традицијата во модерниот свет.

Автор: Филип ФИДАНОВСКИ, керамичар

ФИЛИП ФИДАНОВСКИ

Роден е во град Скопје – Социјалистичка Република Македонија, во 1977 година. Во 1996 година го завршува Средното уметничко училиште во Скопје во класата на професорите Раде Перчуклиевски и Михо Лазаров. Го продолжува своето образование на Националната уметничка академија во Софија, Република Бугарија каде во 2004 година магистрира на Катедрата за керамика во класата на професор Красимир Џидров. Од 1995 година до денес има реализирано 23 самостојни изложби, над 50 групни изложби, има учествувано на многу уметнички колонии и симпозиуми. Добитник е на 5 награди. Член е на повеќе професионални здруженија. Професор е по предметот Дизајн на керамика и Технологија на керамика во Уметничкото училиште во Скопје. Во периодот од 2003 до 2010 е доцент на Факултетот за ликовни уметности – Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Македонија, од 2002 до 2006 стручен соработник во Музеј на Македонија, Одделение за едукација, од 2002 до 2003 работи во ателје за музејски копии при Музеј на Македонија, од 2019 до 2022  е претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, ДЛУМ, во периодот од 2020 до 2021 е директор на Уметничкото училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје, од 2020 до 2022 е претседател на Комисија за полагање приправнички испит по Ликовно образование при Државниот испитен центар на Македонија, во 2023 е член на Комисија за визуелни уметности, архитектура и дизајн при Министерството за култура на РС Македонија. Автор е на Прирачник за изведување на настава по ликовно образование како и на Практични вежби – материјали за учење по ликовно образование за ученици во 3-то и во 5-то одделение во основното образование. Уредник е на повеќе монографски изданија, списанија и каталози. Учествува во организација на многу настани од областа на уметноста  и културата, а на некои од нив е и автор. Денес живее и работи во Скопје.

Повеќе за авторот и за неговото творештво може да се погледне на веб-страницата на авторот: https://filipfidanovski.mk/

Испрати коментар

Scroll To Top