Во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип, на 23 декември (вторник) во 19 часот ќе биде отворена самостојна изложба на Маја Анастасова Хрис. На изложбата авторката ќе се претстави со 50 дела од најновиот творечки циклус насловен „Магичен круг“.
„Секој кружен облик е потенцијален магичен симбол, а магиската примена на кругот е позната уште одамна. Кругот е асоцијација за целосност, севкупност, совршенство, непроменливост, без почеток и крај. Кругот го симболизира космичкото небо. Темата на магичниот круг во истоимената изложба, Маја ја интерпретира преку застапеноста на формата на кругот како композициски елемент, со унифицирани формати на делата“, вели Зоран Читкушев, директорот на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип.
Во своите дела Маја ја прикажува поврзаноста на традиционалниот и новиот експериментален пристап во создавањето на делата, што креира нови квалитети во нејзиниот уметнички израз. Претставите се претопуваат во комбинацијата на различните техники кои се употребени на хартија – акварел, пастел, молив, молив во боја, акрилик и монотипија. Карактеристика на делата е колоритот преземен од природата – сината како небото и водата, како и сите земјени тонови.
Маја Анастасова Хрис е родена во 1983 година. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2006 година, а во 2009 година завршила постдипломски студии на истиот факултет, на графичкиот оддел. Учествувала на неколку ликовни колонии и на бројни интернационални групни изложби. Ова е нејзина осма самостојна изложба. Живее и работи во Амстердам, Холандија.