Вечер во 19.30 часот во „Чифте амам“ ќе биде отворена изложба на седумдесетина колажи од Тања Таневска, насловена „Ликовна симфонија на душата“.
Колажите се изработени во изминатите седум години и со нив, како што наведува организаторите од НГМ, авторката го проширува ликовниот репертоар со нови изразни можности, впечатливи, визуелни и естетски проникнувања, вметнување ликовен говор на материјалите.
„Таневска ја потврдува иновативната и експериментална природа, покажува дека освен што поседува неисцрпна инспирација, таа ја потврдува и сопствената неисцрпна енергија“, соопшти НГМ во најавата на изложбата.
Тања Таневска досега реализирала 25 самостојни изложби во Македонија, а изложувала и во Париз, Берлин, Дрезден, Белград, Загреб, Марибор. Учествувала на повеќе од 220 групни изложби во земјава и странство. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).