На покана на градоначалникот на општина Харманли во Република Бугарија, македонските уметници од ликовната група „Конекција 2“ свечено ќе ги отворат Деновите на Општината, на која се очекува богата културна програма. Изложбата ќе биде отворена денес во Културниот центар од градоначалникот на Харманли, Михаил Лисков, и директорот на нашиот КИЦ во Бугарија, Васко Шутаров. Делата на македонските уметници публиката во овој дел од Бугарија ќе може да ги види до 18 мај кога оваа изложба се сели во Пловдив.
Ликовната група „Конекција 2“ ја сочинуваат единаесет уметници од повеќе градови во Македонија, кои имаат студирано, магистрирано или докторирано на НХА во Софија: Марјан Ѕин од Струмица, магистер на одделот за Плакат, Иво Пецов од Виница, магистер по графика и доктор по специјалноста Ѕидно сликарство, Адриана Јованоска од Прилеп, магистер на одделот за Метал, Зоран Мише од Охрид, магистер за графичка уметност, Иван Стоименов од Скопје, магистер по скулптура, Горан Тричковски од Делчево, магистер по графичка уметност, Јорданчо Ристовски од Крива Паланка, магистер по сликарство, Павел Целкоски од Охрид, магистер по сликарство, Слободан Милошески од Кичево, магистер по скулптура и во моментов докторант по скулптура на НХА во Софија.
Од оваа изложба, па во следните две закажани за во градовите Пловдив (18 мај) и Созопол (3 јуни), на групата ќе и се придружат и Ице Огненовски-Мерко од Битола кој има завршено сценографија на НХА и Јовица Миленов од Делчево кој има дипломирано сликарство на истата Академија. Во концепцијата „Конекција 2“ ќе бидат претставени дела од графичката уметност, сликарството, скулптурата како и обработката на метал.
Првата изложба на групата ликовни уметници од „Конекција 2“ се одржа во Културно-информативниот центар на Р. Македонија во Софија, во јули 2012 година.
Во 2014 година беа организирани изложби во Велико Трново и Благоевград а во 2015 година беа организирани изложби во КИЦ на Р. Македонија во Софија и неодамна во градот Русе.