Фотографот Станко Неделковски на изложба под наслов „Како за првпат – Фотографијата во манипулација“, што ќе биде отворена вечерва во Музејот на град Скопје во 20 часот, ќе се претстави со 43 фотографии во дигитален печат создадени годинава.
Неделковски, кој работи како фотограф во истиот музеј, е поттикнат од идејата за поврзување на старите аналогни технологии со нивната дигитална обработка во некоја форма на калемење или вкрстување на главните чинители од овие два периода во историјата на фотографијата. За таа цел, тој изработил сопствена направа составена од стар апарат, темна комора и дигитален примател на информациите создаден за да ја реализира саканата фотографска глетка.
„Општиот впечаток за оваа серија дела е дека тие со сопствената примарност постојано говорат за баналноста на нашето секојдневие и јазично ја артикулираат“, стои во најавата на изложбата на фотографот, кому ова му е петта самостојна изложба.