Првата самостојна изложба и перформанс на Дороти Пачкова под наслов „Трансформација низ креации“ ќе биде отворена среда, 01 Октомври, 2014. Изложбата ќе биде поставена во 19.00 часот во Мобилна/Монтажна Галерија (локација: Парк на Франкофонијата).
Дороти Пачкова преку изложбата „Трансформација низ креации„ како млад уметник одлучува на публиката да ги претстави своите светогледи кон актуелноста, воедно коментирајќи ги и критикувајќи ги актуелните случувања во различните пори на општествениот живот. Воедно авторката чувствува потреба и должност, не само да ги бележи и констатира збиднувањата од денешницата туку и преку ликовен јазик, да изнаоѓа, создава и структуира начини на уметникување преку кои ќе влијае на подобрување на ова паднато општество.
Преку своите дела авторката ја отсликува/насликува духовната ерозија на денешницата која сега појасно од кога било се отсликува и во уметноста. Борејќи се постојано со оваа прагма вешто успева да не дозволи да биде заведена од небитнините кои лебдат околу нас и во својот опус се држи цврсто до патот на вистината како непроменлива константа без разлика колку таа е мачна и тешко дофатлива.
Во галеријата ќе бидат изложени повеќе дела изработени во период 2013/2014 во техника акрил, со димензија 200 цм. х 100 цм. На отворањето на изложбата уметничката ќе изведе ликовен перформанс во интеракција со посетителите, потикнувајќи ги да ја пронајдат својата креативна страна.
Изложбата ќе биде отворена до петти октомври во период од 13.00 до 16.00 часот, а авторката ќе слика во живо и ќе биде достапна за сите заинтересирани посетители.