Во Музејот на град Скопје поставена е изложбата „Феникс од пепелта. Уништувањето и обновувањето на Варшава 1939-1955“, организирана во соработка со Амбасадата на Република Полска во земјава.
Изложбата ја отворија градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, амбасадорот на Република Полска во Република Македонија, Јацек Мултановски, заменик-директорот на Бирото за култура на Град Варшава, Магожата Наимска и директорот на Музејот Љубен Тевдовски.
Изложбата е дел од архивата на Бирото за обнова на градот Варшава и од 2011 година е вброена во престижната меѓународна листа „Меморија на светот“.
Таа воедно претставува и почеток на соработката на Музејот на Град Скопје со полските институции од областа на културата.
На изложбата се презентирани 36 паноа со документарни фотографии и текст за историјата на Варшава низ три периоди: предвоен период (до 1939 година), воен период (1940-1945), период на Бирото за обнова на градот и социјалистичкиот период до 1955 година.
Полските водечки архитекти кои учествувале во пост-воената обнова на Варшава, како Циборовски, Јанковски, Клижевски, Мокжински и Виежбицки биле предводници и на плановите на Обединетите Нации за обновата на Скопје по земјотресот во 1963 година и учествувале во проектирањето на културните институции во македонската престолнина.
Изложбата завршува со панорама на Варшава денес, а на неа е прикажан и документарен филм.
Посетителите ќе имаат можност на изложбата да проследат и документарен филм кој визуелно ќе ги запознае со содржината на изложбата. Преку подвижните слики, посетителите ќе можат одблизу да ја доживеат историјата на Варшава во едно драматично историско време за градот кој од пепелта на безмилосната војна, се издигнал како Феникс.
Изложбата којашто е плод на соработка помеѓу Амбасадата на Република Полска во Република Македонија и Музејот на Град Скопје, ќе биде отворена до 5 февруари.