Вечер (15 декември), во 20 часот во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложба на Родољуб Анастасов и Галерија „Јустина“, под наслов „Енформелска лабораторија 3“.
Имено, во рамките на Музејот на град Скопје е отворена „Галерија Јустина и Родољуб Анастасов“. Нејзиното формирање беше овозможено со донацијата од 346 дела кои Родољуб Анастасов ги подари на Музејот.
Намерата е оваа Галерија циклично да го презентира целиот материјал што го поседува. Во најголем број тоа се цртежи, графики и акварели од сите фази на уметникот. Нивната ликовна вредност е несомнена, особено ако се има предвид дека тие активно партиципираат во формирањето на македонската современа ликовна уметност. Дел од нив се изложувани и инцидентно се репродуцирани, но голем дел се реално непознати и непубликувани.
Овој пат се изложува поставката „Енформелска лабораторија 3“ на која ќе бидат изложени дела кои се дел од циклусот „Енформелска лабораторија“, а кои досега не биле излагани во оваа Галерија.
Времето на создавањето на циклусот, крајот на педесеттите и првата половина на шеесеттите години од минатиот век, е период кој е критичен во формирањето на македонското општество – тоа е периодот на освојувањето на модернитетот. Всушност, овие цртежи се дел од колективниот напор нашето општество да ги прифати и да ги присвои вредностите на модерноста. Анастасов, тогаш млад уметник, е веќе длабоко во неа исцело посветен на насетувањето на новите јазички простори кои се пред него. Тој почнува да експериментира и таквото слободно експериментирање со формата и со слободата, со која таа форма се освојува, поседува некаква невиност во реализацијата, применета, толкувана, разбрана како чин на сопствено осознавање.
Во цртежите од „Енформелска лабораторија“ потезите на младиот уметник се движат исклучително брзо. Тие се некаков сеимографски пренос на некоја возбуденост. Од време на време авторот со перото почнува да го напаѓа листот хартија во таа мера што таа се гребе или во пооделни потфати се кине или се оштетува.
На изложбата ќе бидат експонирани 30 цртежи и четири масла – дел од колекцијата на Галерија Јустина и Родољуб Анастасов.