Вечерва (17 мај) во Музејот на Град Скопје, со почеток во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Дарови“ од авторите Славица Христова, Татјана Ѓорѓиовска и Оливера Џартовска Тачевска.
Изложбата ќе ја отвори проф. д-р Крсте Богоевски.
Дарувањето претставува значајна општествена категорија како чин на меѓусебно внимание, која е иста во сите култури и историски периоди. Неговата суштина е воспоставување на општествени врски помеѓу поединците и солидарност во заедницата. Тоа е аспект од секојдневниот живот кој навидум делува спорадично и неважно, но сепак е важна категорија на комуникација, која содржи естетска, емоционална, економска, натпреварувачка, морална, рекреативна, мистична и религиозна димензија. Значењето на секој од овие аспекти на дарувањето се менува во зависност од животната ситуација и од карактерот на општествената заедница.
Изложбата „Дарови“ презентира избор на различни етнолошки предмети кои се подарени на Музејот на град Скопје, од жители на градот и неговата околина. Етнолошката збирка на Музејот на град Скопје почнала да се формира во педесетите години на 20 век, која во текот на годините се збогатувала со откупени предмети, но и донации од поеднинци, фабрики и претпријатија, како и етнолошки материјал собран на теренски истражувања.