Минатата недела, музејот „Викторија и Алберт“ во Лондон ја објави веста за големата модна изложба што ја подготвуваат за јуни 2015 година. Овој пат модата е на страната на чевлите. Изложбата со наслов „Чевли: Задоволство и болка“ ќе го прикаже историскиот преглед на чевли од целиот свет кои понекогаш знаеле да бидат прилично екстремни. Ќе бидат изложени повеќе од 200 пара чевли, од сандали од чисто злато кои датираат уште од времето на античкиот Египет па се до современите модели на светски познатите дизајнери.
Изложбата ќе се обиде да го објасни културното значење и моќта на трансформација на чевлите како моден додаток, и да го претстави развојот на нивната технологијата, која честопати во име на естетиката добивала драматични форми. Познати примери на колекционери и страсни љубители на чевли ќе бидат изложени заедно со чевли од старите времиња, од кои некои никогаш претходно не биле видени.
Отворањето е закажано за 13 јуни, а ќе трае најдоцна до 31 јануари 2016 година.