Во музејот „Штадел“ во Франкфурт, пред неколку дена e отворена изложбата со наслов „Борба меѓу половите, од Франц вон Штук до Фрида Кало“, која го илуминира уметничкиот интерес за родовите улоги од средината на 19 век до крајот на Втората светска војна.
На тој начин, посетителите на музејот „Штадел“ во Франкфурт имаат можност да ја погледнат големата изложба што ја преиспитува безвременската тема: емотивниот набој во врската меѓу мажот и жената и неговото претставување во уметноста.
На изложбата се прикажани околу 150 дела кои говорат колку авторите биле контроверзни во нивните реакции кон конструирањето на родовите идентитети, и како го изразувале тоа преку слика, скулптура, графика, фотографија и филм. Некои од нив во своите дела ги нагласувале родовите стереотипи, додека другите им се спротивставувале и ги деконструирале преку иронија, искривоколченост, маскарада и хибридизација.
Поставката се состои од колекцијата на музејот „Штадел“ вклучувајќи ги делата на: Макс Либерман, Едвард Мунк, Франц вон Штук, скулптурите од Огист Роден. На изложбата се донесени и дела од врвни уметници од други музеи, како делата на: Хана Хох, Едуар Мане, Густав Климт, Ото Дикс и Фрида Кало.
Изложбата ќе трае до 19 март следната година.