Денес со почеток од 20.30 часот ќе се отвори изложбата посветена на Скопје, насловена „13 начини на гледање на градот“. Изложбата ќе трае до 11 јули, а се одржува во Агенцијата за сериозни интереси.
Изложбата „Тринаесет начини на гледање на градот“ е обид да се пристапи на одредена тема од различни перспективи и точки на гледање, здружувајќи автори од неколку генерации, чии дела се групирани околу одредени теми или наративи. Изложбата го покажува градот Скопје гледан од дистанца, преку воздушни фотографии од далечното минато, со слики од семејната архива Еремееви.
Градот се набљудува и од внатре, посочувајќи на скриените квалитети на помалку видливи јавни простори во градот преку типолошка студија под наслов „Невидливо Скопје – Архитектонски водич“ (Студио Скопје, на чело со Јован Ивановски). Изложбата, исто така вклучува цртежи и модели на неколку важни локални згради од периодот на модерната, подготвени од страна на архитект Мартин Гулески (чија страст за макетарство започнала во детството) – како вредна анализа и документација на одредено архитектонско наследство. Покрај овие студии, има и серија на лични „Градски приказни“.
„Тринаесет начини на гледање на градот“ е поврзана со тековниот истражувачки проект „Скопје отворена архива“, инициран од страна на архитектот Даниел Серафимовски во пролетта 2014 година и ќе продолжи со уште две изложби, со цел да се соберат лични страсти, искуства и работни методологии во една поголема поетска целина.