Утре, 10. декември во 19 часот во Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“, а во соработка со Галерија ГРАЛ ќе се отвори самостојната изложба „1000 добро изодени патеки“ на уметницата Елена Чемерска.
“1000 добро изодени патеки” ја испитува променливата врска помеѓу телата, објектите и светот околу нас. Преку слики, текст и звук, Елена ги истражува темите на распаѓање, трансформација и постојаните промени што го обликуваат нашето постанување.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Винаријата Попов.
1000 ДОБРО ИЗОДЕНИ ПАТЕКИ
Елена Чемерска
Слики, текст и звук
Плотта на светот
Сè започнува со пукнатина. Расцеп се отвора низ плотта. Од овој раскин нешто истекува: не крв, туку ткаенина што ги поврзува сите работи. Таа се движи, дише, пулсира и се менува, додека телата се расплетуваат во објекти, а објектите се напрегаат да станат плот.
Платното носи тежина. Се истегнува и се менува, како да држи нешто под површината. Боите цветаат и пукаат, а текстурите носат сеќавање на распаѓањето. Нема остри рабови, ниту јасни линии што ги држат нештата на фиксно место. Рака станува земја, станува ‘рѓа, станува празнина. Плотта на светот се топи.
Платното евоцира крикови од неизбежната иднина која ја разнебитува врската помеѓу телесното, политичкото и еколошкото. Остатоците на овој пост суверен живот се слеваат едни со други, едни врз други, создаваат нови монструозни створенија кои со себе се уште ги носат примарните карактеристики, но тие се веќе невидливи. На површина се појавуваат нови стопени форми кои врзуваат ново тројство помеѓу нeорганското, органското и темпоралното.
Во оваа промена има страв—вознемиреност од распаѓањето, од силите што ја притискаат и влечат стварта на светот. Тежината на системите, историите и желбите ја распарува површината и она што некогаш изгледало како целина. Среде ова расплетување, телото продолжува во своето станување, одбивајќи да остане само едно нешто. Ова не е репрезентација; тоа е учество. Сликите не набљудуваат однадвор—тие се внатре во раскинот, внатре во трансформацијата. Сцената се одвива, границите исчезнуваат, плотта на светот се реконфигурира. Рабовите на телото се разлеваат во сликите на светот, а сликите, направени од истата ткаенина, се враќаат во телото.
Искусувањето на овие платна е исклучиво телесно, повеќе е поврзано со дигестивниот отколку со когнитивниот систем. Мириси, киселини, мов, течни и полутечни состојби, состојби на постоење кое не е од редот на познатото секојдневие, постоење кое е возможно постанување, сплотување, без некаква пред одредена програмирана позитивна тенденција, без надеж но и без страв, без ден и ноќ, како чиста имаменција.
Елена Чемерска и Артан Садику