Во Париз, во седиштето на УНЕСКО, потпишан е договор меѓу Република Македонија и оваа специјализирана агенција на Обединетите нации, со кој Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија стана Институт од втора категорија под покровителство на УНЕСКО. Договорот го потпишаа директорот на ИЗИИС Михаил Гаревски, генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова и в.д. амбасадорот на Република Македонија во Париз Габриел Атанасов.
Со ова признание, нашата земја ќе даде придонес во насока на преземање превентивни мерки од природните катастрофи во светот. Апликацијата на Република Македонија за основање на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје како Институт под покровителство на УНЕСКО од Категорија 2 беше потврдена за време на 37-та Генерална конференција на агенцијата одржана пред три години во Париз.