Општина Центар ја заврши изградбата на потпорниот ѕид на градинката „Панорама“, клон на „Кочо Рацин“. Се наместија и канделабри, а сега поради безбедносни причини се мести ограда на ѕидот.
Наредната недела ќе се санира и урбаната опрема и дворот ќе се уреди хортикултурно.
Ѕидот е долг 32 метри а висок три метри. Тој сега е вкопан во земја, за разлика од оној што се урна пред една година, кој немаше лежиште, а и дебелината на потпорниот ѕид беше 15-20 см, недоволна за да може да го задржи земјиштето.
Стариот потпорен ѕид беше граден пред околу десетина години и покрај низата негодувања и реакции од поранешните жители дека не е изведен соодветно и дека градењето на огромни згради и куќи на Водно, без соодветна заштита може да доведе до големи несреќи.
Оваа опасност и сега демнее на неколку други локации, каде што се изградени големи зданија.