Завршена е изградбата на новиот храм на градските гробишта во Куманово, посветен на Воскресението Христово, информираат од Кумановско–осоговската епархија.
Храмот започна да се гради на 25. април годинава и е поставен на темелите на поранешна црковна трпезарија.
-Со Божја помош, храмот бргу се изгради. Останува да се изработи иконостасот и да се освети, по што ќе се стави на располагање на верниците, информира отец Игор Здравковски од Кумановско-осоговската епархија.
Кумановско-осоговската епархија интензивно работи и на доизградбата на храмот „Свети Архангел Михаил“, како и на реновирањето на црквите „Света Мина“ во Проевце и „Света Петка“ – Бедиње во Куманово.
Во црквата „Свети Архангел Михаил“ во населбата Карпош, додава свештеникот Здравковски, поставени се трите ѕвона во камбанаријата, кои што веќе ѕвонат, поставувањето на фасадата и кровот се во завршна фаза и останува да се постави мермер.
-Се планира целосна подготовка на ѕидовите за фрескоживопис. Паралелно ќе се одвиваат работите за партерното уредување на дворот на црквата, вели отец Здравковски.
Интензивно се работи и на реновирање на црквата „Света Петка“ во Бедиње. Со реновирањето опфатени се внатрешна подготовка на ѕидовите за фрескоживопис со изведба на нова електрична инсталација, поставување на дел на нова кровна конструкција, како и изработка на нова фасада.
Свештеникот Здравковски информираше дека се уредуваат и просториите кои ги користат свештениците во црквата „Света Тројца“. Сите активности за изгрдба, доизградба и реновирање на црквите се финансирани од средства на новофоримираната Кумановско-осоговската епархијакако и со доброволни прилози на верниците.
Претходно од почетокот на годинава целосно е завршено реновирањето на Соборниот Храм „Свети Никола“ во Куманово.