Познато е дека ленот е многу корисно растение и се користи во различни гранки на индустријата. Бидејќи бетонот има исклучително висок удел во емисиите на јаглерод, тим предводен од Универзитетот за технологија во Ајндховен (TU/e) истражува дали ленот може да се користи и како зелен алтернативен градежен материјал. За да го тестираат ова, тие изградиле пешачки мост со сензори кои ги следат промените во изградбата.
Проектот се нарекува Smart Circular Bridge и се надоврзува на претходните TU/e истражувања. Вклучува тим од пет универзитети, седум компании и три општини, а се наоѓа во градот Алмере во Холандија. Мостот може да го користат пешаци и велосипедисти, долг е 15 метри и може да издржи тежина од 275 луѓе.
Процесот на изградба на главната структура на мостот е сосема различен од изградбата на стандарден мост и вклучува поставување лен на полиуретански блокови, кои му ја даваат основната форма на мостот. Процесот на вакуумска инфузија е спроведен со цел да се отстрани целиот воздух, а потоа врз сето тоа е истурена смола за да се одржи целата структура заедно. На крај се се оставило да се исуши еден ден.
Во меѓувреме, украсните огради на мостот се произведени со роботско ткаење на ленени влакна и намерно се сложени, со цел да се нагласат естетските и техничките можности на ленот.
“Првиот паметен кружен мост во Алмере користи околу 3,2 тони ленени влакна, главно од француско производство“, се вели во соопштението за печатот на TU/e.
Влакната вткаени во простирките се импрегнирани со полиестерска смола.Во првиот паметен кружен мост 25 отсто од оваа смола е базирана на биомаса.За мостовите што доаѓаат целта е овој удел да се зголеми на околу 60 отсто. За постигнување на оваа цел се користат остатоци од производство на биодизел и рециклирани ПЕТ шишиња.
“Иновациите во проектот вклучуваат не само развој на соодветна смола која може да ја издржи преостаната влага на ленените влакна, туку и развој на акцелератори без кобалт. Една од предностите на овој композитен материјал е тоа што ленот е растение што брзо расте, во споредба со дрвото“, велат истражувачите.
Мостот моментално се користи и континуирано се надгледува со речиси 100 интегрирани сензори кои гарантираат дека може да издржи општо абење и промена на годишните времиња. Сензорите можат да ги детектираат сите деформации и доколку се достигне однапред дефинирана граница, истражувачите ќе добијат предупредување. Оваа информација може да се види и на јавната веб-страница.
Во наредните години ќе се гради уште еден ваков мост во Холандија, а потоа и во Германија.