Вкупната проценета вредност на проектот за изградба на втората делница од автопатот Матешево-Андријевица е 600 милиони евра, согласно Финансискиот договор меѓу Владата и Европската комисија за трансевропски транспортни мрежи во Црна Гора, како дел од Повеќегодишен акциски план за периодот до 2027 година.
Како што е наведено во нацрт-договорот, главната цел на изградбата на втората делница од автопатот е да се постигне целосна регионална поврзаност, притоа да се намалат регионалните нееднаквости и да се поврзе со мрежата на трансевропските коридори, да се постигнат стандардите на ЕУ и прокламираните цели поврзани со непречен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал, во согласност со целите за создавање на Единствен економски простор на Западен Балкан и приближување на регионот до европскиот пазар, пренесува РТЦГ.
Со самото тоа, целта на предметната акција и финансискиот договор е подобрување на постојната сообраќајна инфраструктура и зајакнување на патниот сообраќај, што е национален приоритет за Црна Гора, особено во однос на коридорот што ги поврзува Бар, главното пристаниште на Црна Гора, со границата на Србија, кај Бољаре.
Во документот се наведува дека подобрувањето на транспортните врски го намалува метежот, ја олеснува трговијата во земјата и прекуграничната трговија, го скратува времето на патување и ја зголемува безбедноста на патиштата.
„Зголемената трговија (и стоки и услуги) води до отворање нови работни места, ја зголемува конкурентноста и создава подобри можности за соработка и иновации. Тоа ќе овозможи ефикасна, безбедна и брза врска помеѓу помалку развиените северни и поразвиени јужни области на Црна Гора, создавајќи можност за поврзување и интегрирање на тие области и подобрување на циркулацијата на луѓе и стоки, што исто така ќе го олесни пристапот до регионалните пазари“, се наведува во Финансискиот договор.
Со оглед на тоа што автопатот Бар-Бољаре е продолжение на коридорот Ориент (Блиски Исток)/Источен Медитеран (ОИМ) кон Западен Балкан, тој ќе овозможи, како што е наведено, поефикасна врска меѓу земјите од северна, централна и јужна Европа и Западен Балкан.
Со оваќе се зголеми и потенцијалот на Барското пристаниште, бидејќи ќе се подобри неговата поврзаност со коридорот ОИМ, што ќе овозможи зголемување на извозот на земјите во регионот кои немаат излез на море.
Европската комисија претходно одобри средства за овој проект преку Инвестициската рамка за Западен Балкан во износ од 7,5 милиони евра за изработка на физибилити студијата, нејзино ажурирање и подготовка на идеен проект.
„Додека во јули годинава во рамките на Економскиот инвестициски план (ЕИП) за Западен Балкан усвои одлука за финансирање грант од 100 милиони евра од ИПА III фондовите за поддршка на изградбата на деллницата на автопатот Бар – Бољаре, меѓу Матешево и “, се наведува во документот на Владата.