Британците планираат изградба на тунел долг 2,9 километри под еден од најпознатите археолошки локалитети во светот.
Владата на Велика Британија го претстави новиот инфраструктурен проект во вредност од 2,25 милијарди евра, кој вклучува изградба на тунел под Стоунхенџ. Таквата интервенција треба да овозможи поголем и подобар проток на сообраќај што сега го нарушува овој важен историски локалитет. Сепак, многумина не се задоволни со оваа идеја и тврдат дека изградбата на тунелот може да уништи голем број на се уште неоткриени реликвии.
Инвестицијата на државниот пат A303, според официјалните лица, треба да претставува унапредување во „високо-квалитетен пат, со исклучително добри перформанси“. Официјалните претставници, исто така, истакнуваат дека планираниот тунел под Стоунхенџ ќе го намали сообраќајниот метеж и ќе има позитивно влијание врз локалната економија, пишува Inhabitat.
English Heritage, организација која се грижи за повеќе од 400 државни споменици, ја поддржува изградбата на тунелот. Од друга страна, УНЕСКО, која во 1986 година го прогласи Стоунхенџ за светско културно наследство, најавува дека би можеле да ја поддржат имплементацијата на овој предлог, но само кога ќе го видат финалниот проект.
Историчарот Том Холанд е еден од многуте кои сметаат дека изградбата на тунелот ќе ја уништат светската значајна историска локација.
„Со примената на масивни количини на бетон за изградба на тунелот ќе се уништи целиот регион кој, како таков, постои илјадници години“, вели историчарот Том Холанд.
Јавна расправа за изградба на тунелот ќе трае до 5 март, а Владата својата конечна одлука за рутата на патот ќе ја објави во текот на 2017 година.
Планираната изградба би можела да започне во 2020 година, а според лидерите на Highways England, проектот би можел да се заврши за четири години.