Со асфалтирањето на 14 километри долгиот пат кој го поврзува неготинското село Тимјаник со Долни Дисан ќе се стигнува и до најоддалечените планински места во Вардарскиот плански регион. Проширувањето на овој пат почна во понеделникот, а подобрената патна инфраструктура отвора можност за економски развој на неготинските и селата од Чашка. Во Неготино земјоделието е во преден план, додека во Чашка – планинскиот и црковен туризам. Агенцијата за државни патишта предвидува изградба на уште два локални правца со вкупна инвестиција од околу 47 милиони денари. Покрај асфалтен пат, селото Долни Дисан добива и нов лик, се гради канализација и плоштад со мултинаменска функција.
Проектот чини 7,7 милиони денари и Долни Дисан ќе добие урбана слика и место каде жителите ќе може да го поминуваат слободното време, изјавил Ванчо Апостолов, градоначалник на општината Неготино.Планираните единаесет километри пат кои за пет месеци треба да се асфалтираат ќе овозможат Чашка да се промовира како атрактивна општина за развој на руралниот туризам. Асфалтирањето започнува од манастирскиот комплекс кај селото Мокрени и завршува кај месноста позната како Теовски учи.