Градоначалникот на Делчево, Дарко Шехтански, најави започнување на значаен проект кој ќе ги подобри условите во образованието во градот и ќе се подобри енергетската ефикасност.
-Во годината што претстои пред нас, во општина Делчево се предвидени за реализација поголем број на проекти од капитално значење, како и проекти произлезени од секојдневните контакти со граѓаните од помал обем, кои се значајни за подобрување на нивниот секојдневен живот и стандард, изјави тој.
Проект кој е дел од предизборната програма и е од големо значење за општина Делчево е изградба и целосно опремување на шест нови училници во средното општинско училиште „Методи Митевски-Брицо“ во Делчево, со кои, како што истакна тој, ќе се овозможи едносменско работење на гимназијата, а на наставниот кадар и на учениците ќе им бидат обезбедени подобри услови за настава.
-Исто така, ќе се подобри и енергетската ефикасност и директно ќе се влијае на намалувањето на средствата кои училиштето ги троши за загревање и осветлување. Проектот се финансира со средства од ИПА фондовите и ќе чини 125.633 евра, вели Шехтански.
Градежните активности се во тек и се гради според предвидена динамика, а се очекува до месец јуни годинава негово целосно извршување, со што од почетокот на новата учебна година на 1 септември 2015 година ќе се почувствуваат благодетите од овој проект.