Гувернерот на Колорадо покрена иницијатива, приходите генерирани од собирање на даноците од легалната продажба на марихуана да бидат пренасочени за изградба на домови за бездомниците.
Како пишува „Денвер Пост“, планот на гувернерот John Hickenlooper е од 16,3 милиони долари данок остварен од продажбата на оваа дрога, да се издвојат 12,3 милиони долари за изградба на 1.200 куќи во текот на следните пет години. Останатите четири милиони долари ќе бидат користени за подигнување на 354 помошни објекти во населбата за социјални станови.
Според „Денвер Пост“, бројот на бездомниците во Колорадо, во текот на минатата година се зголеми за 6 отсто, а вкупниот број на луѓе без покрив над главата е блиску до 10.000. Од друга страна, во прифатилиштето има места за помалку од 7.000 луѓе, па овој план треба да обезбеди решение за проблемот.
Пренасочувањето на даночните приходи од легалната продажба на марихуаната во изградба на куќи, ќе мора да биде одобрено од страна на законот, бидејќи овие средства сега се користат за лекување на зависниците.
Од друга страна, во јавноста е веќе започната дебата: Доколку приходите не се користат за да се спречи нелегалната употреба на опојни дроги, која е вредноста на еден ваков проект за општеството?