Се интензивираат активностите околу изградбата на двете спортски сали во Прилеп. Моментално се работи на изградбата на спортската сала во СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“, по што се очекува да се интензивираат градежните активности и околу изградбата на салата во ООУ „Добре Јованоски“.
Со изградбата на овие две спортски сали, би требало да се подобрат условите за изведување на наставата по спорт и спортски активности.
Во Прилеп досега се изградени две спортски сали, односно едната во СОУ „Ристе Ристески Ричко“ и другата СОУ „Ѓорче Петров“. Изградбата на спортските сали е проект на Министерството за образование и наука. Предвидено е да се изградат уште три спортски сали во ООУ „Кочо Рацин“, ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ и во основното „Блаже Конески“.