Изградбата на автопатот започна во август минатата година, и е заеднички македонско- грчки потфат чија реализација се очекува да биде околу 270 милиони евра. Со него, освен поморското поврзување на Македонија, ќе се овозможи побрз и побезбеден транспорт на луѓе и стока од Централна Европа до Грција, или до Турција и Блискиот Исток, бидејќи ќе се надоврзе на автопатот “Виа Игнација” што ги поврзува западните брегови на Грција со нејзините источни краеви.
Запознавањето со активностите на делницата започна недалеку од Демир Капија, во канцелариските простории кои се наоѓаат во кругот на сместувачките капацитети за околу 300 работници на фирмата “АКТОР” од Грција, која е реализатор и главен носител на работите.
Должината на трасата изнесува околу 28 километри, а започнува на крајот од релативно новиот автопат Неготино– Демир Капија и завршува на почетокот од постоечката делница на автопатот Смоквица – Гевгелија. Таа најпрвин оди покрај Демир Капија, после што во два наврата ја премостува реката Вардар, во меѓувреме поминувајќи низ тунели со должини од околу 1,2 километри и висина 5,2 метри. Автопатот ќе има по две ленти со широчина од 3,5 m, a двата правци на автопатот физички ќе бидат одвоени со средна разделна лента од 3 m.
За поврзување на урбаните места со идниот автопат се предвидени два патни јазли: еден за село Миравци, а другиот за врска со село Смоквица. Покрај нив, се предвидени уште неколку патни премини за локални патишта. Предвидената брзина е 110 km/h, и според неа се дефинирани елементите на патот што минува низ рамничарско–ридски и планински предели, заради што дел од придружните објекти се диктирани од теренските услови и просторните ограничувања.
Пред заминување, одговорниот инженер за безбедност, Никос Константелиас, кој во текот на целата посета постојано ја придружуваше групата, ги запозна присутните со правилата за однесување и опасностите на градилиштата, како и вообичаените мерки за безбедност, после што беше поделена ХТЗ опрема: заштитни флуоресцентни елеци и шлемови, а за кои континуирано беше укажувано дека е обврзно да се носат. Освен по високите температури, демиркаписката клисура е позната и како простор каде свој дом наоѓаат и неколку животински вида, меѓу кои најпознати се мршојадците.
Ненарушувањето на нивниот мир, особено во сезоната на размножување, беше еден од еколошките услови поставен пред градежниците. Тоа подразбира темпирано користење на експлозивни средства за потребите на изградбата на тунелите. Сепак, се очекува тие да предизвикаат одрони на растреситата карпеста маса во површинските предели, па за да не доспеат на коловозот, каде сообраќајот и онака е веќе со контролиран застој, неопходно е да се постават силни заштитни челични мрежи на повисоките делови, но не во онаква форма каква е вообичаена на македонските патишта.
Разликата, освен во непристапноста на теренот и капацитетот за прием на масивни одронети карпи кои со голема брзина паѓаат од голема височина, се состои во тоа што тие мрежи се поставени нормално на површината на косината, а за таа цел се потпрени на неколку челични столбови прицврстени во карпестата косина. Токму нивната реализација се одвива на исклучително специфичен начин, и тоа не само за локални услови, бидејќи е неопходна хеликоптерска поддршка, заради што задачата за спроведување беше доделена на специјализираната фирма “GEOBRUGG” од Швајцарија.
Студентите со деталите ги запозна претставникот на компанијата за Република Македонија, Вјекослав Будимир, и благодарение на него тие имаа исклучително ретка можност да ја видат демонстрацијата на одвивање на работите. Имено, со хеликоптерот се врши транспорт на материјал, опрема и рачна механизација за потребите за бушење на дупнатини во кои ќе се постават челичните столбови, достава и “придржување” на столбовите при нивното поставување, како и пренос на плетените мрежи кои се поврзуваат за челичните столбови и на друг материјал потребен за вбризгување во дупнатините. Сепак, предизвик се ограничувањата: максимална транспортирана маса е до 150 kg, а можен временски термин за работа е само наутро и околу два часа, бидејќи потоа започнуваат појаки ветрови на повисоките делови.
Вакви мрежи со столбови се поставени над северниот портал на постоечкиот тунел, како и над јужните портали на новопроектираните, кои во моментов се изведуваат (два тунели, посебно за секоја насока на движење). Заради минерските активности и потенцијалната опасност од внатрешни одрони, истовремено и постоечкот тунел се зајакнува со анкери, арматурна мрежа и прскан бетон. Изградбата на новите тунели се врши со машини во погодните зони, и повремено со експлозив, а што ќе биде речиси стандардно за подлабоките делови. За подграда се користат анкери, ременати, арматурна мрежа, прскан бетон и финална бетонска облога, кои се подготвени во локалната бетонска база. Воедно, на сличен начин се стабилизирани и влезните портали. Тунелите, како впрочем и сите останати конструкции, активности и мерки за безбедност, ги почитуваат европските стандарди со излези за случаи на итност, современ систем на вентилација, осветлување, SOS ормарчиња, SOS телефони и видео надзор кој ќе се контролира од посебен центар во Неготино. За премостување на реката и суводолиците се предвидени вкупно шест мостови со различни меѓусебни должини, како и со различни распони.
Притоа, вкупната должина на мостовските конструкции е 2,3 километри, а најдолгиот ќе биде 660 метри, кој ќе биде и најдолг мост во Република Македонија. Инаку, дел од столбовите за едниот од мостовите преку Вардар се лоцирани во водотекот, па заради олеснување на нивната изведба, а за која потреба, освен заштита на градежна јама се неопходни и многу пумпи со голем капацитет за црпење на подземна вода која е обилна благодарение на реката, одлучено е тој да се препроектира и столбовите од коритото на реката да се “преселат” на брегот, со што е обезбедена значителна финансиска заштеда. Трасата на автопатот потоа продолжува кон село Удово и село Миравци после кои, во повисоките предели, е изградена бетонска база со дробилка и сепаратор за гранулат и армирачки погон на “АКТОР”, како и паркинг-простор за механизацијата и придружни лаборатории за контролно испитување на и онака квалитетните градежни материјали.
Попатно има можност да се видат активности на неколку објекти: потпорни ѕидови, пропусти, насипи, армирана земја итн. Во близина на локалитетот, но на безбедна оддалеченост е и магацинот за експлозивните материи. На целиот овој простор, освен за безбедноста на вработените, се води особена грижа и за заштита на природната средина, па сите непотребни или неискористени течности од бројните возила се складираат во станици, а се одржува и “хигиена” на самите возила не дозволувајќи тие да излезат од базата или да се вклучат на коловоз со прашливи гуми.
Имајќи предвид дека добар дел од проектот е ограничен со еколошки барања, може да се наведе уште еден куриозитетен еколошки податок, поврзан со пропустите: во одредени делови на трасата се внимавало нивната висина и широчина да бидат доволно големи за да може да помине мечка. На таков начин, “џентлеменски” е водено сметка поврзувањето на народите и економиите да не биде на штета на незасегнатите, нешто што, за жал, неретко се случува помеѓу државите.
На крајот од увидот во реализацијата на сложените работи, како од технички и безбедносен аспект, така и од еколошки и археолошки, компанијата “АКТОР” организираше и ручек, а воедно и остави отворена покана за нови посети на автопатот за чија изградба претстојат уште три и пол години, на што студентите од Градежниот факултет од Скопје искрено се заблагодаруваат.
Група студенти од Градежен факултет – Скопје