Насловна / Архитектура / Изборите претставуваат референдум за „Скопје 2014“

Изборите претставуваат референдум за „Скопје 2014“

sk2014-voin-na-konj

Граѓанскиот фронт во Македонија е едно големо промислувачко мнозинство кое тешко се приклонува кон било која од политичките партии. Тоа се умни луѓе кои секогаш внимателно градат став и мислење, индивидуално се изразуваат и делуваат коректно, а обично се држат до критериумите за основното човечко воспитание и однесување.

Демократската јавност и разбудените граѓани покажаа капацитет и ќе учествуваат и во предизборните активности и во изборите, очекувајки ресетирање на системот со внесување на поинакви граѓански идеи и концепти понудени од моќните индивидуи-поединци. Заради тоа сега е време да се експонираат оние што можат и знаат, укоста на оние кои се подготвени да и понудат поинаква, вистински граѓанска, социјална, демократска, праведна, секуларна и економски силна иднина на државава.

Тие се тука меѓу нас, со нас. Нивното време доаѓа. Но Македонија ја чека долг мачен процес на оправање, а треба да си ја направиме граѓанска мултикултурна рамноправна заедница од сите и за сите. Ако „демократијaта е пред сé состојба на умот” (проф. Д. Малевски) заедно свесно да го досегнеме тоа ниво, да го изодиме тој пат. Незнаењето, мрзливоста, самобендисаноста, ароганцијата, конформизмот, лицемерието, демагогијата, недоследноста, одсуство на визија, политичката наивност и многу други слабости, се чини, се пречки на тој пат.
Корисно е, потребно е, неопходно е потсетување на многуте сторени непромислености од кои највпечатлива е проектот „Скопје 2014“. Ова што се случува и што се уште трае, го сквернави достоинството на Граѓанинот, навредливо го игнорира ставот на Професионалците и преминува во вулгарна злоупотреба на довереното владеење, на сомнително стекнатата власт. Се затвораат очите пред сите јасни манифестни заеднички искази (многубројни петиции, протести, дебати, писанија… ), и пред сите меѓународни погледи и проценки на оваа чудна материја. Така да денес, по седум години на стихијно реализирање и проширување на „груевистичкиот мега проект“ и практикување на еден инфантилен инает, сите ги опфаќа чувство на лутина, бес, заситеност и полека, од немоќ, се преминува во рамнодушност (што е најстрашно!).

Processed by: Helicon Filter;

Тој проект мора да има свое место во програмите на оние кои претендираат да добијат доверба на гласачите на скорашниве избори, а особено на оние партиски неопределени. Партиите немора да го именуваат проектот како производ на нездрава логика и помрачен ум, само нека се изјаснат што со таа даденост, со таа новосоздадена реалност. Без јасен став на оваа тема изнесен на аргументиран начин, било која и било чија предизборна програма нема да биде прифатена и подржана, ни од архитектите, ни од било кој разумен субјект.
Во просторот на Кино Култура имавме вечерно дружење на тема „Скопје 2014“ со промоција на филм изработен во соработка со Heinrich-Böll-Stiftung насловен „Како Скопје 2014 ги изеде урбаните заеднички добра“ и панел дискусија со двајца врвни претставници на професијата архитект: Ана Ивановска и Мирослав Грчев, а со свој став беа присутни и Мери Јордановска, Петрит Сарачини, Валентина Поцеска, Славчо Димитров, Ивана Драгшиќ, Никола Наумоски и многу други. Дискусијата беше фокусирана на справувањето со „Скопје 2014“ после некое потенцијално нормализирање на правниот поредок во земјава односно што тоа мислат архитектите, урбанистите, граѓаните… Што треба да се направи, што и дали да се руши и што потоа, доколку сето тоа остане вака како што е? Започнаа сериозните муабети за „што потоа“ и тоа ќе биде серија на собири отворени за секој што има идеја, предлог, замисла…
Огромна одговорност останува на идните одлучувачи за судбината на создаденото од проектот „Скопје 2014“. Предстои продлабочена анализа на резултатите од овој налудничав перфоманс што ја одбележа толку силно последната деценија. Поточно, се очекува детектирање на тоа „што се’ е Ск 2014“, па потоа сегментирана, тематска и етапна сериозна ревалоризација – просторна, културна, финансиска… Одредени делови од овој проект, како узурпација на просторот, се непоправливи, а некои со соодветна студија, доста време и многу пари, можат да добијат реинтерпретација или редизајн или алокација , но може да се каже со сигурност дека „лузните“ ќе останат и во визуелниот хоризонт и во колективната меморија.
Неприкосновена вистина е дека просторот се менува со сите специфики на времето што го живее, па да се надеваме дека ќе преовладее мудра и рационална политика во неговото преобликување во иднината што надоаѓа, во битките што не` чекаат.

Пишува: Даница Павловска Циги, архитект

Испрати коментар

Scroll To Top