Поминаа четири децении од XIV Зимски олимписки игри одржани од 8. до 19. февруари 1984. година во Сараево. По тој повод да се потсетиме на авторот на проектот за хотелот Холидеј Ин во Сараево, Иван Штраус.
Иван Штраус е роден 1928. година во Кремна, блиску Ужице, населба во Златиборскиот округ, а почина 2018. година во Сараево.
Овој архитект и академик добитник е на многу значајни награди и прознанија, меѓу кои и Шестоаприлската награда на Градот Сараево која се доделува на извонредни поединци, групи и колективи за значајни достигнувања и исклучителни успеси во работата.
Штраус пораснал во Бања Лука. Почнал да студира архитектура во Загреб во 1947. година, а студиите ги завршил 11 години подоцна, во тек на кој период преболел туберкулоза и работел разни работи. Дипломирал во 1958. година на Технолошкиот факултет на Универзитетот во Сараево, каде што работел како асистент. Од 1952. година започнал да работи на различни проекти, а од 1959. до 1961. година и од 1965. до 1984. година работи во студиото Архитект во Сараево.
Весникот „Ослободување“ ќе напише: „Неговите архитектонски ремек-дела и неисцрпната креативност обликуваа архитектонска епоха во главниот град на Босна и Херцеговина. Академик Штраус на градот му подари неимарски бисери, од кои некои, како хотелот Холидеј Ин или кулите УНИС, станаа симболи на градот на Миљацка“.
Холидеј Ин
Од неговите реализирани проекти се издвојуваат: Зградата на Електростопанство на БиХ – 1978 година, Хотел Холидеј Ин – 1983 година, кулите на УНИС, Сараево – 1986 година, Музеј за воздухопловство во Белград – идеја во 1969 година, завршување на изградбата во 1990 година, Прес центар за ЗОИ на Бјелашница – 1983 година (целосно урнат за време на војната), станбени комплекси населбата Сонце, населбата Радојка Лакиќ и др.
Штраус се истакнал и како проектант на важни сакрални објекти: џамија во Оран – 1988 година, парохиската црква во Брчко – 1987 г., црква во Дубрава, црква на Добриња, Сараево – 1999 г.
црква на Добриња, Сараево
Бегајќи од теоријата и воспоставените стандарди, тој се восхитувал на идеите и делата на Ле Корбизје, Мис, Рајт, Алвар Алто, Нимаер, Кензо Танге и други великани. Станувал сè поамбициозен и нетрпелив да започне со работа и брзо сфатил дека за неафирмиран архитект, јавните архитектонски конкурси се единствената можност што побрзо да добие работа и да работи на јавни објекти за кои инаку никогаш нема да добие нарачка: „Конкурсите беа можност непречено да уживам, работејќи слободно, анонимно и без обврски, решавајќи разновидни задачи. Истовремено, тоа беше и можност да проверам дали моите амбиции имаат основа, дали моите креативни способности го достигнале потребното ниво за да можам да се натпреварувам со веќе етаблираните архитектонски имиња во Сараево и БиХ, па и во Југославија“, велел Штраус.
Учествувал на многу домашни и меѓународни архитектонски конкурси на кои освојувал први награди. Меѓудругите домашни конкурси прва награда освоил на конкурсите Дом на печат и градски хотел, Сараево (1962), Музеј на воздухопловство, Белград (1969), Библиотека и детски театар, Бања Лука (1974) и многу други, а на меѓународни конкурси: Главна пошта, Министерство за ПТТ и Канцеларија за телекомуникации во Адис Абеба, Етиопија, (1964), Опера во Софија, Бугарија, (1973), Голема џамија, Оран, Алжир, (1985).
Електростопанство БиХ
Зградата на Електростопанство БиХ во Сараево, изграден е во 1978. година. Има форма на брана, како метафора за производство на електрична енергија.
Холидеј Ин е изграден за Олимписките игри во 1984 година. Симболот на босанската престолнина, хотелот кој се отвори во октомври 1983. година официјално го претстави претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Антонио Самаранч. Холидеј Ин беше првиот хотел со франшиза од САД во Источна Европа. Тоа е последниот хотел кој архитектонски и проектантски е автентичен на југословенскиот период. Поради својата кубична архитектура, жолта окер и кафеава боја што отстапува од сивите згради наоколу, го прави различен од сите други хотели на Холидеј Ин.
Холидеј Ин
Облакодерите УНИС (UNITIC Бизнис центар), отворени се во 1986 година. Објектот се состои од два поврзани облакодери близнаци од 25 ката, високи 97 метра. Основната структура е бетон, а волуменот е обвиткан со стаклена мембрана од терморефлектирачко стакло. Во времето на нивната изградба, кулите УНИС имале најсовремена системска опрема, вклучително и автоматски систем за гаснење пожар со резервоари за вода на покривите.
UNITIC Бизнис центар
Музејот на воздухопловство е граден во периодот 1969-1989 година. во рамките на аеродромскиот комплекс „Никола Тесла“ во Белград. Наменски е проектиран за да се смести богата и уникатна воздухопловна збирка.
Проектиран е и изграден како градба со кружна основа, со сутерен, приземје, мезанин, кат и галерија. Поделбата на внатрешниот простор на административно-технички и изложбен дел е јасно видлива во концептот на објектот. Понискиот дел од објектот, во вид на постамент, го заземаат просторите кои го сочинуваат јадрото на музејот и го обезбедуваат неговото функционирање, додека просторот наменет за изложување на експонати е решен на монументален и репрезентативен начин.
Музеј на воздухопловство
Наклонетоста на Штраус за геометриски скулптурални облици доведена е до својата најконцизна форма – чист торус поставен на повлечен кружен постамент. Токму оваа торусна форма ја прави зградата на Музејот препознатлива и единствена во југословенското творештво од овој период. Посебниот квалитет на објектот доаѓа од транспарентната стаклена фасада, која придонесува за проникнување на музејската поставка и аеродромскиот комплекс. Исклучителните обликовни квалитети и успешното решение на функционалните барања резултираат со градба со уникатна архитектура која е вклучена во антологијата на југословенската повоена градителска продукција. За ова оригинално дело архитектот Штраус е награден со сојузната награда „Борба“ за најдобро архитектонско остварување во 1989 година.
Музеј на воздухопловство
Иван Штраус ја поминал војната во Сараево, а во 1995. година ги објавил мемоарите АРХИТЕКТ И БАРБАРИ.
Во 1986. Година примен е во Академијата на науки и уметности на Босна и Херцеговина, а во 2012. година во српската САНУ.
Штраус ги поминал своите последни години живеејќи во релативна сиромаштија, поради тужбата што ја поднел против сегашните сопственици на кулите УНИС во Сараево. Штраус ги тужел затоа што не ги следеле неговите првични планови за време на нивната реконструкција, но го изгубил случајот. Барањата до сопствениците да му го простат долгот поради загубениот случај едногласно се одбиени.