Насловна / Архитектура / Иван Антиќ – „Архитектонично“

Иван Антиќ – „Архитектонично“

Овие денови се одржува тринаесеттата белградска Интернационална недела на архитектура БИНА (10.5.2018 – 31.5.2018) „Од Communis до Комуникација“. Communis значи „заедничко, заедница, делење“, а Комуникација „нешто да се направи заедничко“. Темата е посветена на комуникацијата во архитектурата, комуницирање со архитектурата и ширењето и размената на идеи за просторите на градовите и нивното користење. БИНА со бројни активности и програма се труди да ги подобри условите за живот и односот кон опкружувањето. Програмата е распоредена на повеќе локации низ градот и опфаќа изложби, предавања, дебати, работилници за деца, прошетки низ архитектурата на Белград. Меѓу позначајните случувања се поставката на изложбата „Домување- Housing 2017“ чија тема е домување во постсоцијалистичките земји на Европа на уредникот д-р проф. Александар Кековиќ. Во ликовната галерија на Културниот центар поставена е изложбата „Лисабон настапува“ каде е претставена актуелната архитектонска сцена на градот во организација на Триеналето на архитектура – Лисабон и секако изложбата „Архитектонично“, посветена на еден од најпрочуените српски архитекти на ХХ век, Иван Антиќ.

Untitled-1
Изложбата „Архитектонично“ е отворена на 17 мај во холот на Радио-телевизија Србија, РТС.
Архитектот Иван Антиќ е најпознат по зградата на Музејот на современа уметност во Белград на која е коавтор заедно со архитектката Иванка Распоповиќ, Спортскиот комплекс 25 Мај во Белград, како и Спомен-музејот „21 Октомври“ во Крагуевац и базенот „Пољуд“ во Сплит. Автори на изложбата се историчарката на уметност Дијана Милашиновиќ-Мариќ и архитектот Игор Мариќ.

muzejbg1

Музеј на современа уметност во Белград

Прикажани се на панели голем број реализирани објекти и нешто помал број нереализирани проекти, дела на архитект кој го обележал дваесеттиот век на српската и југословенската архитектура. За работата и значењето на архитектот Иван Антиќ (1923-2005) зборувано е во повеќе прилики, неговиот авторски опус претставува синтеза на рационален и прагматичен пристап, примена на современи технички можности, што создава експресивни архитектонски форми, како и грижа за архитектонските визури низ пропорција и хармонија. Во рамките на изложбата организирани се и придружни случувања, разговори за архитектурата.

muzejbg2

Музеј на современа уметност во Белград

Прво е воден разговор под наслов „Архитектура и медиуми“, каде учесниците истакнаа дека е значајно медиумите да ја популаризираат архитектурата што е можно повеќе, дека е важно на факултетите да се воведе предмет на кој студентите ќе учат како да се претстават и да го бранат својот проект. Истакнато е дека архитектурата не е доволно застапена во медиумите , пред сè поради тоа што уредниците не го препознаваат значењето на архитектурата.

krag3

krag_2

Спомен музеј „21 Октомври“ во Крагуевац

На централниот дел на панелот се зборуваше за современата архитектура низ темата „Мерка на современост во српската архитектура и влијанија“, каде учесниците, главно низ призмата на ликот и делото на архитектот Антиќ се сеќаваа на архитектот кој им бил професор на факултет. Архитектот Горан Војводиќ раскажа анегдота како студентите на професорот Иван Антиќ му се обраќале со Иво, бидејќи тој тоа го барал од нив, зборуваше дека тој сакал да поминува со студентите време во разговори за архитектурата и за животот, водејќи ги разговорите како на факултет така и во кафеаната „Домовина“. Се истакна дека Кензо Танге за време на својот престој во Белград, Музејот на современа уметност го издвоил како најдобар објект во градот. Архитектот Владимир Лојаница го истакна и тоа дека во тој период положбата на архитектот била на многу високо ниво, бидејќи архитект Антиќ стоел покрај самиот инвеститор, претседателот на Југославија, додека денес архитектите не се во положба да имаат директен пристап до високи функционери.

bazen1

Базен „Пољуд“ во Сплит

Се изнесе и една занимливост дека архитектурата на Иван Антиќ не секогаш била прифатена. Во стручните кругови постоеле одредени резерви за неговата работа. Иако денес делува дека неговите објекти се ремек-дела на своето време, тоа не било секогаш прифатено, за современоста на неговите објекти било потребно и време. Сепак, неговите објекти архитектонски и конструктивно биле модерни и пред 40 години кога се изградени, современи се и денес и ќе бидат и за 50 години, согласни се учесниците на дискусијата. Покрај тоа, изнесено е и едно интересно становиште кое го застапувал Иван Антиќ, а тоа е Genis Loci, т.е. на простор на кој постои феномен на природата многу е тешко да се направи феномен на архитектурата. Кога ќе се случи архитектурата да биде современа, некогашните студенти и почитувачи прават изложба со име кое означува точно каква треба да биде архитектурата – „архитектонична“.

Испрати коментар

Scroll To Top