Насловна / Архитектура / IV Меѓународна летна школа за архитектура – Охрид 2016: Soft Spaces

IV Меѓународна летна школа за архитектура – Охрид 2016: Soft Spaces

Во периодот од 28 јуни до 5 јули, во Охрид се одржа четвртата по ред Меѓународната летна школа за архитектура во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје. Факултетот за архитектура и дизајн ја поддржува и поттикнува современата позиција и задача на студентите активно да учествуваат во процесот на својот развој и да бараат мотивација и искуство надвор од институцијата Факултет.OhridSS2016_02

За таа цел, пред четири години се започна со организирање на Меѓународна летна школа во Охрид, во која гостите раководители предлагаат тема и методологија на работа, за потоа низ седумдневната работа со студентите да ги пренесат своите различни педагошки и практични искуства. Како потсетување, во претходните три сесии гости раководители беа архитектите Vinko Penezić и Krešimir Rogina од Penezić & Rogina architects од Загреб, Хрватска, и Yoshiharu Tsukamoto и Momoyo Kaijima од Atelier Bow Wow од Токио, Јапонија.OhridSS2016_11

На овогодишната Летна школа раководители беа архитектите Tilo Herlach, Simon Hartmann и Simon Frommenwiler, партнери во познатото архитектонско биро HHF Architects, од Базел, Швајцарија. Како гостин на школата и оваа година беше Крешимир Рогина, визитинг професор на УАКС. На школата учествуваа 27 студенти по архитектура од универзитети од Велика Британија, Словенија, Србија и Македонија.OhridSS2016_08

HHF Architects се основани во 2003 година од Тило Херлах, Симон Хартман и Симон Фроменвилер. Оттогаш, HHF Architects имаат реализирано голем број проекти во Швајцарија, Германија, Кина, Франција, Мексико и САД. Од самото основање HHF бараат соработка со други архитекти или уметници, од што е произлезена и соработката со познатиот кинески уметник Аи Веивеи. Нивни поважни дела се објектите: „Landskronhof“ и „Lichtstrasee 9“ во Базел, „Labels 2“ во Берлин, „Ruta del Peregrino“ во близина на Гвадалахара, Мексико, „Baby Dragon“ павилјон во Jinhua Architecture Park, Кина. Покрај архитектурата, едукацијата е исто така важна активност на ХХФ. Симон Хартман предава на Факултетот за архитектура во Фрајбург, додека Симон Фроменвилер предава на ЕНСА Стразбур.OhridSS2016_05

Важно е да се напомене дека HHF Architects добро го познаваат нашиот локален контекст. Неколку години наназад се длабоко инволвирани во Балканот и се запознаени со, според нив, еден од најинтересните периоди на архитектонска продукција: „Југословенскиот модернизам“.

Тема на истражување на овогодишната сесија на Летната школа беа таканаречените „Soft Spaces“ (меки, флексибилни простори), кои се појавуваат како производ на трансгресијата од архитектонско во урбанистичко размислување. Тоа се простори со многу диференцирани функции, кои никогаш не се целосно раздвоени помеѓу себе и кои можат да бидат доживеани како една артикулирана композиција. Студентите учесници, се соочија со објектот на Центарот за култура „Григор Прличев“, лоциран во непосредна близина на Охридско Езеро. Објектот е изграден во 1958 година и дограден според проектот на архитект проф. Живко Поповски во 1979 година. Како резултат на трансформацијата на внатрешноста на самиот објект и поради агресивната урбанизација на околината, објектот на Центарот за култура постепено се трансформира во множество недоволно искористени и неповрзани простори.OhridSS2016_09

Една од задачите на еднонеделната работилница беше да се разбере минатата и сегашната состојба на објектот и неговите врските со непосредното опкружување. Друга задача беше да се изработат предлози кои ќе го вратат квалитетот на артикулирани „меки простори“ со различна програма околу самиот Центар за култура.

За времетраењето на школата беа одржани две предавања од гостите раководители, како и повеќе нивни презентации со цел насочување на работата на студентите. Летната школа финализираше со јавна, отворена презентација на изработените студентски проекти на Малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“.

(Користените фотографии во текстот се од личниот фото албум на Тило Херлах)

асс. Владимир Десков,

раководител на Меѓународната летна школа за архитектура

Испрати коментар

Scroll To Top