Заврши посетата на проф. д-р Јос Ферхуфен, претседател на Европскиот огранок на Светското друштво на научници за блатни екосистеми. Тој за време на својот престој во РМ, во Скопје одржа неколку предавања за студенти, но и за наставно-научниот кадар на Природно-математичкиот факултет, а беше и специјален гостин на тркалезната маса во организација на Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. Во Охрид го посети Хидробиолошкиот институт и заедно со членовите на Охрид ЅОЅ одржа прес-конференција кај Студенчишко Блато и ги утврдуваше на терен предложените граници за претстојната Рамсар дезигнација на регионот – постапка која Охрид ЅОЅ ја иницираше уште минатата година директно во централата на Рамсар.
Тркалезната маса на тема „Влијанието на планираните инфраструктурни проекти врз биодиверзитетот во охридско-преспанскиот регион“, Е.Д.Е.Н. ја организираше во рамки на проектот „Избери страна“ финансиран преку Global Green Grants Fund.
„Направивме голема штета во природните екосистеми. Мора тоа да го смениме“, дециден беше проф. д-р Александар Трендафилов.
Проф. д-р Трајче Талевски од Охрид ЅОЅ пред присутните на тркалезната маса ја претстави својата анализа на биодиверзитетот на регионот насловена „Охридско-преспанскиот регион на крстопат помеѓу синилото и сивилото“, која ја изработи за потребите на проектот.
„За првпат во национален парк се најави компензација на природни добра. Науката треба да си ги земе работите во свои раце“, изјави Талевски.
Проф. д-р Јос Ферхуфен и на тркалезната маса и на самата прес-конференција кај Студенчишко Блато ја пренесе истата главна порака:
„Економисти ја имаат проценето вредноста на екосистемските услуги. А блатата се најголема акумулација на такви услуги. Мештаните може на многу начини долгорочно да заработуваат од Блатото. Затоа е многу важно што поскоро да се посветат на негова заштита и ревитализација. Одличен начин за баланс помеѓу зачувување на скапоцената природа и финансиска корист од регионот е отворање на Центар за истражување и посетители каде што младите охриѓани ќе можат да најдат достојни работни места и нема да го напуштаат градот“, истакна Ферхуфен.
Охрид наредната година ќе биде домаќин на годишниот конгрес на Светсткото друштво на научници за блатни екосистеми, што ќе донесе околу сто реномирани светски имиња во регионот.
Заклучоците од тркалезната маса, како и од престојот на проф. Ферхуфен ќе бидат доставени до сите релевантни домашни и меѓународни институции со цел да се направат заеднички напори да се зачува интегритетот на регионот и да се спречи негово уништување.