Италијанските архитекти Стефано Боери и Чино Зуки, кои беа под истрага за наводни малверзации во врска со проектот за библиотека во Милано, поштедени се од домашен притвор, но привремено им е забрането да судат на конкурси.
Истражниот судија Луиџи Јанели рече дека Боери и Зуки нема „ниту во својство на универзитетски професори, ниту како надворешни експерти да бидат членови на жири во постапките за доделување јавни договори“, објави италијанскиот весник La Stampa.
До вваков исходот дојде откако двајцата архитекти беа под истрага за нивната улога во доделувањето на проектот Европска библиотека за информации и култура (BEIC) на тим предводен од архитектонската фирма од Милано Onsitestudio.
Имено, и двајцата архитекти беа членови на жирито на меѓународниот конкурс, а Боери беше и претседател на жирито. Поради проблематичната ситуација, на Боери сега му е изречена забрана од една година за членство во кое било жири, додека Зуки нема да може да ја извршува таа функција во следните осум месеци.
Член на победничкиот тим неколку пати „ги контактирал“ членовите на жирито
Проектот на фирмата Onsitestudio, коај работела во соработка со италијанските студија Baukuh, Yellow Office, SCE Project, Studio Mistretta, Starching, Stain Engineering, Dotdotdot, (ab)Normala и Atmos Lab, беше прогласен за победник на меѓународниот конкурс во 2022 година, каде беа претставени 44 решенија.
Победничкото решение на конкурсот
Според обвинителството во Милано, постоел „дослух“ меѓу победничкиот тим и членовите на жирито. Имено, се наведува дека биле воспоставени недозволени контакти меѓу Боери и Зуки со италијанскиот архитект Пјер Паоло Тамбурели, кој е основач на студиото Baukuh.
Како што наведува обвинителството, Тамбурели „ја прекршил анонимноста предвидена со правилата на конкусот“ и „неколку пати ги контактирал членовите на жирито Зуки и Боери“. Меѓутоа, и двајцата архитекти ги негираа обвинувањата и рекоа дека однапред не знаеле кој го претставил победничкиот проект.
Победничкото решение на конкурсот
Боери: Обвинувањата предизвикаа „непоправлива штета“
Иако обвинителите првично бараа архитектите да бидат осудени на домашен притвор, тоа не беше сторено. Според судијата, тоа би било „премногу оптоварувачко“, па заклучил дека е доволна забраната за учество во комисии што доделуваат договори за јавна набавка.
„Многу ми олесна по одлуката на судијата Јанели да го одбие барањето за домашен притвор. Оваа одлука значи дека ќе можам да продолжам со мојата работа како архитект и да ги завршам обврските како претседател на Триеналето и како професор на Политехничкиот универзитет во Милано“, изјави Стефано Боери.
Боери истакна дека има целосна доверба во судството и се радува што ќе може дополнително да ја разјасни својата позиција. Тој додаде дека сепак не може да ја сокрие својата значителна загриженост за сето она што го претрпел во последните недели, како и дека смета дека на неговиот приватен и деловен живот е нанесена непоправлива штета.