Денот на Италијанскиот дизајн и италијанската архитектура во светот, во Скопје беше одбележан со конференција на тема „Smart cities- Градови на иднината“. Конференцијата беше организирана од Амбасадата на Италија и ИТА (Italian Trade Agency), а во соработка со Градот Скопје, Архитектонскиот Факултет при УКИМ, Скопје Урбан Центар и Здружението на Архитекти на Република Северна Македонија.
Почесни гости на настанот беа Н.Е. Карло Ромео, Амбасадор на Италија во Македонија, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, професорот Габриеле Паскуи, директор на Катедрата за за Архитектура и Урбанизам при Универзитетот Политекнико во Милано и проф. д-р Огнен Марина, Декан на Архитектонскиот Факултет при УКИМ.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов се осврна на проектот Паметен град, со кој Скопје ќе прерасне во модерна престолнина.
“Работиме на воспоставување на концепт централен комунален сервис кој има цел да им овозможи на граѓаните простор каде што ќе можат да пријават проблем поврзан со комуналните услуги на градот Скопје и веднаш да добијат решение. Тоа вклучува функционални кол-центри, мобилни и веб апликации кои ќе овозможуваат редовни известувања за информации од комуналната сфера, плаќање комунални услуги и следење на статусот на решавање на пријавените проблеми”, истакна градоначалникот Шилегов.
Амбасадорот Карло Ромео вели дека темите на интерес на овогодинешното издание на Денови на Италијанскиот Дизајн во светот се градовите на иднината, квалитетот на животот и новите граници на живеењето, и имаат за цел да ја промовираат улогата на италијанскиот дизајн во подобрување на квалитетот на животот во урбаните центри. “Изборот на градот Скопје не е случаен: во изминатите 50 години градот доживеа различни траснформации, како еден вид “лабораторија“ каде се екпериментираа различни стилови на дизајн. Во последно време, евидентна е стратегиска ориентација кон “паметен град“ и овој настан е само почеток на билатералната соработка во оваа област и тоа на повеќе нивоа: соработка и размена на искуства со градови од Италија, соработка на универзитетско и академско ниво, како и бизнис соработка меѓу компании од двете земји“, смета амбасадорот Карло Ромео.
Присутните имаа ретка можност да се запознаат со врвните достигнувања на италијанскиот дизајн во доменот на урбаното проектирање и планирање, пренесени од овогодинешниот Амбасадор на Италијанскиот Дизајн, Проф.др – Габриеле Паскуи, како и три италијански компании: Systematica, Land, Politecnica, лидери во овие области, кои лично ги презентираа своите видувања и решенија за некои од урбаните проблеми на градот Скопје.