Сардинија е едно од најубавите места во Европа за летен одмор. Има прекрасни плажи, стари градови, недопрена природа. Тој остров се наоѓа во таканаречената „сина зона“ каде луѓето достигнуваат длабока старост. Очекуваниот животен век таму е подолг поради стариот начин на живот каде што нема стрес и нема адитиви во храната.
Сепак, има нешто што сè повеќе ги загрижува жителите на споменатиот рај на земјата. Станува збор за воениот полигон Салто Ди Квира, каде се истрелуваат ракети и друго оружје. Тој полигон зафаќа површина од 12.000 хектари и е најголем во Италија. Исто така, тој е меѓу најголемите терени за обука во Европа.
Во моментов со полигонот управува италијанското воено воздухопловство. Сега на него само италијанската армија може да тестира ракети. До 1972 година таму се тестирани и ракети од странски држави.
Што ги убива овчарите
Во текот на 1980-тите, лекарите забележале зголемување на бројот на заболени од рак и чести деформитети кај родените деца. За само една година, во еден град, четвртина од новороденчињата имале деформитети. Истражувачите на таканаречениот „Квир синдром“ откриле дека две третини од локалните овчари боледуваат од рак.
Како што се претпоставува, тие се разболеле поради изложеност на ториум и осиромашен ураниум. Ториумот се користи во системите за наведување проектили, додека осиромашениот ураниум се користи за пробивање на оклопот. На пример, ракетата MILAN содржи околу три грама радиоактивен ториум, а оваа содржина се распаѓа при ударот во телото на тенк. Како и осиромашениот ураниум, ториумот завршува во подземните води или во атмосферата.
Зголемување на бројот на заболувања е забележано и кај припадниците на војската, кои престојувале на полигонот или служеле во околните бази. Во неколку случаи, болеста била откриена по помалку од една година служба. Ова не е изненадувачки, бидејќи осиромашениот ураниум кога согорува се претвора во прашина, која ветерот може да ја носи стотици километри. Токму тоа го објаснува и зголемувањето на бројот на болни овчари.
Босна и Косово
Поради сето горенаведено, полигонот Салто Ди Квира се нарекува италијански Чернобил. Армијата не го негира зголемувањето на бројот на болни, но го негира самиот проблем. Италијанските граѓански организации кои се занимаваат со проблемот посочуваат дека истиот здравствен проблем се појавува и во Босна и Херцеговина и на Косово и Метохија, каде што била користена муниција со осиромашен ураниум. Тука е и заливскиот синдром, а најновите вести говорат и за зголемување на бројот на заболени во Авганистан.