Како една од европските модни престолнини, Милано се карактеризира со сивилото на неокласичните градби и сивото небо поради високата загаденост на воздухот. Од овие причини, градските власти одлучиле да го разеленат градот со 3 милиони нови садници до 2030 година. Се проценува дека на годишно ниво, новозасадените дрвја ќе можат да апсорбираат 5 милиони тони јаглерод диоксид. Оваа количина е еднаква на 4/5 од вкупната емисија на јаглерод диоксид во Милано. Дополнително, во текот на десет години, од воздухот би се отстраниле околу 3.000 тони PM10 честички.
Архитектот Стефано Боери, во 2014 година во срцето на Милано создаде зелена оаза. Имено, во рамките на неговиот проект „Вертикална шума’, над градот се издигнаа две станбени кули обвиени во зеленило и дрвја распоредени по терасите на градбите.
Најновиов проект за озеленување на Милано претставува амбициозен план за претворање на нефункционалните железнички мрежи во 7 паркови со по 25.000 садници. Вклучува и збогатување на рамните покриви со вкупна површина од 10 милиони квадратни метри под зеленило, како и садење на дрвја во училишните дворови.
Научниците сметаат дека новите зелени капацитети најпозитивно ќе се одразат врз временските услови во градот. Ноќите во Милано се и до 6 степени Целзиусови потопли споредено со местата во околината. Според сознанијата на истражувања од 2015 година, најголем број случаи на предвремена смрт поради лошиот квалитет на воздухот во ЕУ, забележани се токму во Италија, односно дури 84.000.