За сите кои сонувале да поседуваат замок, можеби баш сега се јавува таква можност, откако италијанските власти објавија дека бесплатно нудат 103 замоци и вили низ земјата, на оние што би можеле да се грижат за нивно одржување, со цел да ги спасат од пропаѓање, пишува британски „Метро“.
Потенцијалните сопственици треба да се согласат да ги уредат историските градби и нивната околина, на таков начин, за тие да влијаат позитивно врз туризмот. Од нив се бара и да искористат дел од имотите за отворање на хотели, ресторани, продавници и луксузни центри за убавина.
Овие мерки се дел од „стратешкиот план за туризам“, чија цел е промовирање на туризмот во Италија, надвор од веќе постоечките туристички центри. Имотите, меѓу кои има некогашни манастири и тврдини, се наоѓаат главно во зафрлени делови од земјата.