--> -->
-->
Насловна / Архитектура / Истражување: Само 8% од архитектите редовно користат вештачка интелигенција

Истражување: Само 8% од архитектите редовно користат вештачка интелигенција

Иако многу архитекти покажуваат интерес за вештачката интелигенција, само мал процент од нив редовно ја имплементираат оваа технологија во својата пракса, покажа студијата неодамна спроведена и објавена од Американскиот институт на архитекти (AIA).

Повеќе од 500 архитекти регистрирани во институтот учествувале во периодичниот истражувачки извештај и одговарале на прашања за имплементација на софтверски алатки за вештачка интелигенција, како на индивидуално ниво, така и во рамките на нивните фирми.

Повеќето архитекти се загрижени

Од целата група на испитаници, 53,1% од нив експериментирале со ВИ до одреден степен, додека само 8% од испитаниците всушност имплементирале алатки за вештачка интелигенција во својата пракса. Најголем дел од архитектите кои припаѓаат на споменатата група од 8% се дел од поголеми фирми.

Поголемиот дел од испитаниците биле оптимистични за потенцијалот на ВИ да помогне во решавањето на сложени проблеми, дури 84% од нив, но речиси сите испитаници, речиси 90% од нив, изразиле одредена загриженост за присуството на вештачка интелигенција во нивната област.

Архитектите кои учествувале во истражувањето ја навеле загриженоста поради неточноста, несаканите последици и приватноста како најголеми грижи. „ВИ ја менува дпроектантската индустрија, создава предизвици и можности за производителите на градежни производи“, рече Дерек Гафи, потпретседател за продажба во Construct Connect, компанија која учествувала во креирање на истражувањето.

Користењето на ВИ не е во согласност со потребите

Меѓу американските архитекти кои веќе користат вештачка интелигенција, повеќето испитаници рекле дека користат чет-ботови како ChatGPT.

Во истражувањето, на архитектите им е поставено прашање кои според нив се најнеефикасните задачи во архитектонската практика во моментот, а на врвот на листата се нашле ажурирање на листата на производи, проценки, сложени спецификации и истражување на производи.

Помалку од 10% од бироата користеле или експериментираат со вештачка интелигенција за извршување на овие неефикасни задачи, додека повеќе од 20% користеле вештачка интелигенција за задачи како што е комуникацијата со клиентите, кои веќе се сметале за ефикасни и пред да се имплементира вештачката интелигенција.

Најчесто поменуваните задачи кои архитектите ги надополнуваат со вештачка интелигенција се креирање на содржини и дизајн. „Во моментов, фирмите имаат тенденција да користат вештачка интелигенција за едноставни задачи за проектирање или креирање содржина, како што се генерирање фотографии и проверка на правопис и граматика, наместо покомплексни задачи“, вели Гафи.

Исто така, се вели дека загриженоста за точноста на ВИ е забележана како нешто што може да ги одврати архитектите да користат вештачка интелигенција за посложени задачи. Дополнително, истражувањето покажало дека од демографска перспектива, архитектите на возраст под 51 година покажуваат повисоко ниво на загриженост во однос на имплементацијата на вештачката интелигенција, во споредба со нивните постари колеги.

Испрати коментар

Scroll To Top