Со експанзијата на САД во почетокот на 20-тиот век, градовите особено во западниот дел добиле ургентна потреба од стабилно напојување со електрична енергија и вода. Со оглед на расположивоста на ресурсите, одлучено е дека изградба на хидроцентрала би било најдобро решение. Во 1928 година, Конгресот дал дозвола за започнување на изградбата на познатата Hoover Dam, тогаш позната под името Boulder Dam. Лоцирана во областа на Black Canyon во Аризона, изградбата на оваа брана започнува во 1931 година, а целосно е завршена во 1936 година. Во периодот на најинтензивните работи на градилиштето, работеле 5,251 работници во услови кои често достигнувале 49˚C. Денес ова здание е најголемата бетонска брана во Америка и привлечна локација за туристите од целиот свет. Обезбедува вода за фармите во околниот пустински регион, вода за Лос Анџелес и Лас Вегас, а произведува електрична енергија за речиси 8 милиони жители во сојузните американски држави Аризона, Калифорнија и Невада. Иако се разбира денес тоа не е најголемата брана во светот, сепак и натаму импресионира инженерскиот подвиг кој е направен пред речиси еден век, со ограничени технолошки можности во тоа време. Изградбата односно инжинерингот зад изградбата на ова здание се соочува со бројни предизвици. Еден од нив е секако екстремно непристапниот терен. Тоа земало свој данок од аспект на безбедноста на градилиштето. Од несреќи на работа загинале 112 работници, или во просек двајца месечно во текот на целиот период на изградба. Изградбата нa бетонски конструкции длабоко во карпестиот предел воопшто не била стандардна операција за тоа време. Со посебни челични корпи и со сајли се внесувал готовиот бетон во тунелите. Се верува дека барем половината од смртните случаи на работниците кои настрадале биле резултат на труења со јаглерод моноксид токму во овие тунели, но во официјалните извештаи тоа намерно било поинаку интерпретирано со цел компанијата да се заштити од дополнителни давачки и компензација на штети. Целото градилиште било испресечено со челични јажиња со кои на најпрост начин била пренесувана целата опрема. Меѓу работниците имало многу локалци односно припадници на Апачи индијанците кои биле особено вешти во пристапувањето до секоја точка од теренот. Во овој проект биле вградени вкупно 2,5 милиони метри кубни бетон. Конечно, во 1936 година, овој хидроенергетски објект е пуштен во работа. Во 1947 го добива своето денешно име Hoover Dam и долги години останува најголемата конструкција во светот изградена од човекот. Иако денес веќе не е ниту најголема ниту најзначајна, оваа градба сеуште е на врвот според историскиот интерес. Постојат излјадници фотографии кои ја документираат изградбата на браната во националната архива и во Библиотеката на Конгресот (Library of Congress), кои ја означуваат како еден од најинтересните проекти во 20-тиот век.