Насловна / Архитектура / Источниот брег на Шпанија: Бенидорм илузија

Источниот брег на Шпанија: Бенидорм илузија

Импрeсивна и титанска глетка се карактеризира долж целиот шпански источен брег. Непрекинато се развива по линеарна должина од 8.000 километри. Од Коста дел Сол, па се до Коста Брава. Испрекината урбана линија која го узурпира целиот брег, со мали паузи помеѓу природните резерви и карпите што ја спречуваат бетонската маса тотално да завладее. Простор кој зазема само 4,25 % од целокупната територија, а е населен дури со 44 проценти од населението.benidorm_skyline1

Оваа привидна присиленост на брегот започнува во 50-тите и 60-тите години на минатиот век, во полниот ек на Франковиот фашизоиден модел на развој, кој узурпира секаква логика во служба на социјал-капитализмот кој делумно го форсира и преку туризмот и пазарот на недвижности, од каде и започнува подемот.

Од тие години датира и визијата на суперстудио „Постојан споменик“ (Continous monument,1968), каде во 1972 година истата таа тематика ја продлабочуваат преку седмиот град (Град лента кој постојано се продуцира). Иако нивната естетика е утопистичка и различно компонирана, успеваат да го предвидат тој импакт.super-superstudio-il-monumento-continuo-1969

Во овој текст ќе го врамам само делот од Коста Бланка, целиот тој опфат од Картагена, па се до Калп, бидејќи интензитетот во ова парче најмногу кулминира. Остар отсечок кој ја црпи морската широчина во целиот нејзин сјај и раскош, и како урбан ѕид ја разделува голата и карпеста бела природа во заднина. Контраст кој тешко се балансира со шармот на шпанската традиција и соживот.

Позначајни по оваа оска се, секако, двете поголеми жаришта, Аликанте и Бенидорм. Првиот, класичен медитерански град со римска и арапска историска поставка, дополнително убанизиран и споен кон крајот на минатиот век. Крути солитери поставени ад хок, го следат брегот и сонцето, а просторот помеѓу е исполнет со масивни туристички населби и летни резиденции. Надеж сигурно влева поновата генерација на ибериски архитекти кои се меѓу подобрите во Европа, кои успеваат да ги сплотат овие густи разјадени урбанитети, преку хируршки прочистувања и интервенции на поврзаност, претежно преку лендскејпот, партерот и поголемата достапност на јавниот простор со питоми вегетациски содржини. Нешто типично и преубаво на оваа тема е поврзувањето на градското јадро од плажата Албуферета, па се до соседната Сан Хуан, неколку километарски добро организиран ватерфронт со пешачки и велосипедски патеки, со прекрасно обработени детали во склоп со околниот крш. Тие навистина будат оптимизам, дека сепак има надеж низ овие гломазни и грди градски маси дека може да завладее здравиот разум.alikante

Аликанте

Бенидорм претставува вториот јазол кој тешко би можело да се опише преку некаков стандард или дефиниција на стручна подготовка. До почетокот на 60-тите години е мало пејзажно селце со живописен медитерански стил. Тогашниот амбициозен  градоначалник Педро Сарагоса ја започнува неговата експанзија, приспособувајќи ја целата област Хиера Хелада од земјоделско во градско земјиште. Во период од само дваесетина години прераснува во едно од најразвиените туристички дестинации со урбан карактер, и претставува еден неповторлив туристички модел, чија суштина до денешен ден изгледа на илузија (фатаморгана врз  некогашното селце). Всушност, и самата идеја на  тематска туристичка атракција, што преовладува како концепт во Бенидорм, е токму самиот град. Некој тек кој се шири, чиниш како сите подоцнежни латиноамерикански градови да се родиле од тука.benidorm-iluzija-4

Вметнат е во мапа на триаголник каде низ годините се згуснува по фронталната лента во ширина од 100 метри долж брегот, кој ја следи прекрасната песочна плажа и бистрото Медитеранско Море. Љубопитни се неговите атипични висококатници, кои претставуваат хотелски струкури кои го црпат капацитетот за туристички легла. Иако играат на висина, не се карактеризираат со раскошни и широки луксузни влезови и стаклена обвивка на фасадите, многу се поевтини и нивната масивност се демострира преку катната монотона исфорсираност која го прави местото поконкурентно и достапно за секој џеб. Така расфрлени, овие кубуси се поставени во идиличниот околен медитерански пејзаж кој им задава функционалност и парадигма со прекрасниот поглед што се троши од и кон нив. Тука негде помеѓу се гледа и најозогласениот облакодер ИНТЕМПО, симбол на крахот на градежниот бум. Солитерот се прослави како ударна вест по светските новини како зграда без лифт, кој низ периодот на безбројните урбани шпекулации (објектот од 20 расте на 40 ката) ја губи најбитната комуникација.2016-08-09-16-08-55-1

Ваквата експанзија влијае и по неговата фантастична густина која знае да доспее и до два милиона туристи во летната сезона (периодот од мај до септември). Во просек по 400.000 туристи месечно. Секако, оваа густина варира во останатите периоди кога градот едвај брои 100.000 жители. Таа преоптовареност дава привид многу повеќе на некој азиски отолку на европски град. Иако варира, ова туристичко јадро успева да живее низ целата година. Импресивно е што и во услови на џган, водата е кристално бистра, а плажата чиста со фин и светол песок. И, впрочем, тука се состои нејзината јака природна страна по која успева да привлече толкав голем број на туристи (секако освен приспособените цени и понудената забава).2016-08-08-19-55-30-1

Бенидорм е еден вид масивно корито, кое ја генерира, но и ја санира економската криза која ја зафати Шпанија. Со толкава градежна продукција на пазарот, претставува главниот причинител на балонот (bubblescapes), кој го генерира банкарскиот крах со недвижности кои не можат да се продадат, дури ни по рекордно ниски цени, иако туризмот продолжува да  бележи раст. (Туризмот фиктивно го покачува БДП, но вработува само сезонски). Која ли може да биде реалната иднина и самодржливост на еден ваков хиперактивен туристички развој, кој дополнително бара жртви кои сè повеќе се  исцрпени?

Иако овој град е парадигма, чувството да се биде дел од него е прекрасно. Немав претстава дека може да биде толку привлечен со сиот негов контраст помеѓу убавата шпанска храна и традиција, и околната градежна синтетика.

Испрати коментар

Scroll To Top