Над 1.000 барања за склучување договори за откуп, пренос или за закуп на станови во сопственост на државата кои што се користат бесправно се доставени до денеска до Министерството за транспорт и врски.
За откуп на станови се доставени 769 барања, 188 за пренос, а 28 за закуп, информираат од Министерството за транспорт и врски.
Рокот за можноста граѓаните да достават барање и да се изјаснат за начинот на користење на државните станови истекува денеска. Барања се поднесуваат до АД за стопанисување со станбен и деловен простор.
Според податоците на ресорното Министерство и на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, во државава има над 2.500 станови, коишто се користат безправно, односно се дивовселени дадени под закуп до 2006 година или се општествени станови, пренесе МИА.
Корисниците на становите кои нема да достават барање ќе ја изгубат можноста за сопственост, односно по автоматизам ќе добијат решенија за закуп.
Во изминатиот месец тимови на државното станбено претпријатие пред граѓаните корисници на државни станови ги презентираа условите за откуп и закуп.
Според Законот за домување што стапи во сила на 7 јануари годинава, граѓаните до денеска треба да достават само барање, а целата останата документација ќе им биде средена по службена должност.
Висината на закупнината се определува во зависност од примањата на семејството што го користи станот, а за социјално ранливите категории, корисници на социјална помош ќе нема закупнина.
Нерегулираниот статус на становите кои се користат бесправно по основ на сопственост или закуп, според плановите на Министерството за транспорт, треба да се реши до септември годинава.