Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески апелира граѓаните и компаниите до крајот на месецов да поднесат барање за изготвување елаборати за легализација на бесправно изградените објекти до овластените геодетски компании и најавува дека ќе поднесат барање за продолжување на рокот за изработка на елаборатите.
Комората на овластени геодети, Телеком и ВИП веќе поднесоа барање да се продолжи рокот за изготвување на геодетските елаборати, кој истекува на 31 декември годинава.
– Деновиве има зголемен број на поднесени барања за изготвување елаборати и од разговорите со 141. овластена геодетска компанија може да се заклучи дека уште околу 70.000 компании и граѓани ќе поднесат барања за изготвување елаборати. Свесни дека не може за 20-тина дена да се изработат, апелираме до 31 декември да се поднесат барањата за изработка на елаборати, а Агенцијата за катастар на недвижности ќе бара да се продолжи рокот до кога геодетските компании ќе треба да ги изготват елаборатите, рече Трпески на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека единствено Собранието, кое се уште не е конституирано по предвремените парламентарни избори, може да го продолжи рокот за легализација на бесправно изградените објекти.
Досега, како што нагласи Трпески, на целата територија на Република Македонија се легализирани 167.897 објект.