Истанбул има иновативно решение за патниците во градското јадро кое им овозможува да го заменат пластичниот отпад за билети во градското метро, кои може да се користат и за другите видови на јавен превоз. Софистицираните машини кои се викаат Smart Mobile Waste Transfer Centers, можат да скенираат и да доделуваат вредност на било која пластика која се става во нив, па потоа да ја издробат, сортираат и спакуваат. Во моментот се поставени 25 вакви постројки низ градот, а целта е да се постават 100 до крајот на годината. Прогнозите велат дека на овој начин ќе се намали количината од 17.000 t пластичен отпад кој дневно се генерира во градот. Сепак, Истанбул не е единствен со вакво иновативно решение. Во Лондон е креиран генијален начин каде ветерни електрани користат материјал сличен на ткаенина со цел да произведат електрична енергија од струењето на воздухот низ подземната железница. За промоција пак на физичката активност, пред неколку години во метрото во Москва е поставена постројка која нуди бесплатен билет, доколку во рок од 2 минути направите најмалку 30 чучњеви.