Годинашнава 59-та по ред награда Цивик Трaст (Civic Trust Awards) 2018 година беше одбележана со силната конкуренција и значителниот број на пријавени проекти. Од 234-те пријавени проекти 60 национални (британски) и меѓународни проекти беа наградени со Цивик Трaст награди и пофалници вклучително со Про-Тем (Pro-Tem) наградата за времени проекти и инсталации, ААБЦ (AABC) наградите во категоријата за заштита на градителското наследство и Селвин Голдсмит (Selwyn Goldsmith) наградите за универзален дизајн спонзорирани од Глобал дисабилити иноватион хуб (Global Disability Hub).
По 59 години континуитет наградата Цивик Траст се смета за најдолгата програма за награди во доменот на архитектурата и изградената средина во Европа што говори за значењето и престижот на истатата, а која сè повеќе го зголемува својот меѓународен опсег евидентен и по бројот на награди за реализирани проекти во странство. Од 60-те наградени проекти оваа година по еден награден проект е од Австралија, Бразил, Јужна Африка, Канада, Кина, Унгарија, Република Ирска и САД, а дури три од Данска.
Географски најблискиот проект добитник на оваа награда до Република Македонија оваа година е проектот на првата фаза на Централно Европскиот Универзитет (Central European University Phase 1) лоциран во Будимпешта, Унгарија. Проектот е добитник и на специјалната награда, но и на специјалната награда на Националниот панел преку која се оддава признание на најомилениот од наградените проекти за членовите на жирито.
Првата фаза на Централно Европскиот Универзитет е дело на високонаградуваното архитектонско биро на О’Донел и Туоми (O’Donnell + Tuomey) од Даблин, Република Ирска и локалното унгарско архитектонско биро Тимпанон (M-Teampannon Kft) од Будимпешта. Станува збор за проект лоциран во рамките на заштитен локалитет на светското културно наследство на УНЕСКО (UNESCO World Heritage Site), но вмешан во локалната унгарска политика. Имено, унгарската влада ја има навестено намерата да го затвори Универзитетот, како одговор на несогласувањето со г-динот Џорџ Сорос (George Soros) и Институтот за отворено општество (Open Society Institute) коишто ја финансираат работата на Универзитетот. Како резултат на ова сè уште не е познато дали овој проект целосно ќе биде реализиран.
Кампусот на Централно Европскиот Универзитет опфаќа површина од 35.000 м2 и се наоѓа во централното подрачје на градот. Истиот е лоциран на источниот дел (Пешта) во рамките на квартот Липотварош (Lipotvaros). Објектот е приближно подеднакво оддалечен од зградата на унгарската Академија на науки на запад и Базиликата „Св. Стефан“ (St. Stepehen’s Basilica) на исток. Урбаната структура на квартот е карактеризирана со ортогонална сообраќајна мрежа која ги дефинира урбаните блокови со различна големина во коишто ефективно биле формирани интерни подблокови коешто резултирало во повеќе интерни дворови во рамките на основниот блок. Како резултат на ова квартот го карактеризираат формални улици со солидни фасади од камен и секундарна мрежа од понекогаш меѓусебно поврзани дворишта со фасади од камен и тула кои создаваат поинтимни, пристапни и потопли комуникациони рути низ дворовите.
Во една ваква од една хиерархиски организирана структура на формални блокови дефинирани со уличната мрежа, но испреплетени со неформална мрежа на патеки коишто меѓусебно ги поврзуваат внатрешните дворови во рамките на блоковите „исткаени“ во времето на Австро-Унгарското Царство авторите успеале да реализираат висококвалитетен објект кој истовремено е и скромен и не се обидува да се натпреварува со своето опкружување.
Проектот за кампусот на Централно Европскиот Универзитет се фокусира на радикална интервенција врз пет постоечки соседни, но меѓусебно неповрзани објекти и два нови објекти со определба во нив да се смести целиот универзитетски кампус. Оваа прва фаза на Централно Европскиот Универзитет вредна околу 21 милиони евра, резултирала во внатрешна површина од 15.638 м2 и вклучува делумно нов објект, а делумно реконструкција на постоен објект. Фокусот на оваа фаза бил меѓусебно да се поврзат два од четири објекта на Универзитетот во рамките на еден подблок. Овој нов објект е еден од ретките поново изградени во оваа заштитена зона на градителско наследство. Новиот објект во рамките на комплексот го опфаќа влезот на Универзитетот и како таков го претставува јавното лице на Универзитетот. Влезот е оформен преку фасада во комбинација од камен и стакло која во принцип ја следи градежната линија на блокот, но истовремено делумно е повлечена да овозможи повеќе простор пред влезот со оглед на малата широчина на тротоарот на улицата. Со оглед дека влезната фасада се наоѓа во оската на потесна уличка која излегува на источниот брег и кеј на реката Дунав оваа фасада овозможува визуелно поврзување со реката Дунав, особено од повисоките катови, но и кон спротивниот брег на реката на која се наоѓа Будим во насока на Квартот на тврдината и Будим тврдината.
Нивото на застакленост на влезната фасада овозможува визуелно поврзување помеѓу внатрешноста и надворешноста на објектот. На уличните минувачи им се овозможува визура кон внатрешниот аудиториум за 400 лица лоциран во подрумот на објектот и релативно тесниот влез во објектот, а којшто води кон тесен и долг атриум кој вертикално ги опфаќа сите седум нивоа на објектот. Првите три нивоа се достапни за јавноста вклучително со аудиториумот и колоцираната кафетерија. Достапни на јавноста се и собите за состаноци и читалните до коишто се доаѓа преку спирални скали. Оваа достапност е поддржана и со над 700 јавни настани коишто се одржуваат во рамките на Универзитетот, а коишто вклучуваат многу културни настани, концерти и изложби.
Универзитетската библиотека ги опфаќа последните четири нивоа на новиот објект и е карактеристична со примената на „акустично лавиринтно“ решение спроведено во рамките на скалишниот простор за да се намали нивото на бучава на преминот од бучните универзитетски простори кон тивките простории на библиотеката. Во рамките на библиотеката оформен е атриум со кровно и странично осветлување од погорните нивоа коешто овозможува пристап на природно осветлување во зоната на читалната сместена во основата на овој атриум. Вештото проектирање на застаклувањето во објектот овозможило значителен пристап на природна светлина во рамките на објект со ограничена фасада, а преку кој пристап се создадени бројни природно осветлени ниши и простори со човечка мерка во рамките на објектот, а којшто можат да послужат како простори за индивидуално учење.
Во реконструираниот дел на комплексот главно се сместени канцелариските простории ориентирани кон уште еден природно осветлен атриум „нарушен“ со цревни скали кои одат по фасада на атриумски ѕид или пак се јавуваат како мост кој ги поврзува двете спротивни страни на атриумот. Канцелариите преку едноставни прозорци лоцирани во рамките на дебелите ѕидови визуелно се поврзани со овој атриум. Со ваквиот архитектонски приод се нагласува функционалноста и неформалноста на објектот.
Со овој проект се овозможило неколку соседни објекти, но минимално меѓусебно поврзани објекти, со сопствени влезови да се трансформираат во отворен кампус во кој преку читлива низа на поврзани дворови меѓусебно се поврзани старите и новите простори. На овој начин овозможена е функционална и лесна комуникација помеѓу сличните содржини и нивно пошироко поврзување со социјалните простори со коешто е промовирана меѓусебната интеракција и соработка помеѓу академските единки во рамките на Универзитетот.
Влезната фасада на објектот исто така ја карактеризира примената на перфорирана фасада која дава особен карактер на објектот, тема со која авторите О’Донел и Туоми, инаку професори по архитектура на Универзитетскиот колеџ во Даблин, се надоврзуваат со својот повеќекратно награден објект на Центарот за студенти (Students Centre) при Лондонската школа за економија (London School of Economics) во Лондон каде што медиумот беше црвена тула наспроти белиот камен применет во овој случај. Истовремено, примената на камен се надоврзува не само на локалната традиција на цврстината и трајноста на архитектурата во камен на Будимпешата, туку исто така се истакнуваат геометриските квалитети на решението на фасадата.
Покрај локалниот камен користен за изработка на главната фасада и други делови на објектот, во рамките на објектот користени се дрво, бетон и челик во комбинација со специјално дизајниран мебел. Изборот на материјалите бил подреден на определбата да се изберат квалитетни, трајни и природни материјали коишто даваат карактер и придонесуваат кон квалитетниот изглед на објектот.
Реализацијата на објектот била поддржана со екстензивна вклученост на клиентот и проектантскиот тим во дискусии на политичко, национално и локално ниво вклучително со јавни дискусии за предложеното решение, определување на фазите, подобрувањата за јавните простори, околните бизниси, како и за придобивките на заедницата. Во рамките на овој проект исто така треба да се истакне не само егалитарниот начин на работење, туку и улогата и придонесот на локалното архитектонско биро Тимпанон кое овозможило да се изберат локални материјали со артистички квалитет и деталите за изведба на истите да се прилагодат кон способностите на локалните градежни фирми.
За жирито на Цивик Траст наградата, наградениот објект претставува „исклучително решение, коешто прекрасно е деталирано и изработено, е сензитивно кон својата локација, и супериорно е интегрирано со соседните објекти“. Ова само се надоврзува на претходното мислење за објектот кога истиот беше прогласен како еден од 20-те најдобри нови објекти во светот, а коешто беше поткрепено со добивањето на Меѓународната награда на Кралскиот институт на британските архитекти во 2018 година (RIBA International Prize 2018). За жирито на Кралскиот институт на британските архитекти „Ова е исклучително префинет урбан кампус со неколку компромиси коешто овозможува прекрасна сцена за Универзитетот и за градот. Објектот станал архитектонска платформа за заштита на вредностите на Универзитетот – транспарентност, заедница, високо образование и демократија. Просторите како аудиториумот ја имаат преземено симболичната јавна улога во битката за зачувување на Универзитетот“.